Рафаел Надал нов тренер на Алкараз? Првиот тренер на Карлитос со храбра прогноза!

Објавено:

По шокантната вест за прекинот на соработката меѓу Карлос Алкараз и неговиот долгогодишен ментор Хуан Карлос Фереро, тенискиот свет бруи од шпекулации: Дали е време Рафаел Надал да ја преземе палката?

Тениската јавност остана затечена минатата недела кога Карлос Алкараз објави дека ја завршува соработката со Хуан Карлос Фереро. Оваа одлука дојде како гром од ведро небо, особено по историската 2025 година во која младиот Шпанец освои дури осум титули, вклучувајќи и два Грен слем трофеи.

Додека причините за разделбата се предмет на дебати, Карлос Сантос, првиот тренер од детството на Алкараз излезе со своја визија за иднината. Во интервју за „Евроспорт Шпанија“, Сантос истакна дека доколку Алкараз сака да продолжи по патот на успехот, не постои подобар кандидат за негов нов предводник од легендарниот Рафаел Надал.

„Вредности и скромност пред сè“

Сантос верува дека влијанието на Надал би било многу поголемо од обични технички совети на теренот.

„Кога зборуваме за личност како Рафа Надал, тој би бил фантастичен тренер за Карлитос. Не само поради тенисот, туку поради неговите вредности, карактер и скромност. Тоа би било исклучително корисно за Карлос и за целото негово опкружување“, објаснува Сантос.

Надал, освојувачот на 22 Грен слем титули, веќе долго време е идол и еден вид ментор на Алкараз. Евентуалното формално партнерство би претставувало вистински „дрим-тим“ на шпанскиот и светскиот тенис.

Повеќе од обичен тренер

Сепак, Сантос предупредува дека секој нов тренер ќе мора да се вклопи во специфичниот систем кој го опкружува Алкараз. Тој нагласи дека улогата не е само водење на играчот, туку и менаџирање на целиот тим кој стои зад него.

„Новиот тренер мора да биде близок со него и да разбере дека тимот на Карлитос е многу важен. Тој мора да преземе одговорност за целината. Не станува збор само за Карлитос, туку за сите луѓе кои се дел од неговиот круг“, додаде Сантос.

Тешка задача пред наследникот

Засега, Алкараз е под водство на Самуел Лопез, кој претходно беше асистент на Фереро. Но, како што се приближува Австралија Опен 2026, каде Алкараз ќе напаѓа „Кариерен Грен слем“), притисокот за пронаоѓање на трајно решение расте.

Ивзор: https://www.derbund.ch/{(Dante Badano (Imago, PsnewZ)}

Наследството што го остави Фереро е фасцинантно. Од почетокот на нивната соработка во 2019 година, тие поминаа пат од Челинџер турнирите до самиот врв. Под негово водство, Алкараз освои 24 титули (вклучувајќи 6 Грен слемови и 8 Мастерси) и стана најмладиот светски рекет број еден во историјата.

Останува да видиме дали „Кралот на земјата“ е подготвен да се пресели од теренот на тренерската клупа, но за оние кои го познаваат Алкараз од неговите први чекори, Надал е единствениот достоен да ја продолжи оваа приказна.

Гостинска статија на Марија Петровска

Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено