15.8 C
Skopje

(Видео) Пекол во Белград: Звезда го „згази“ Монако, Панатинаикос го освои Мадрид!

Објавено:

Ако четвртокот во Евролигата нешто ни покажа, тоа е дека домашниот терен сè уште значи многу… освен ако не се викате Панатинаикос. Додека Црвена Звезда, Фенербахче, Париз и Макаби ги бранеа своите тврдини, европскиот шампион покажа зошто го носи тој епитет среде Мадрид.

Црвена Звезда се враќа на врвот со победа над Монако

Во пеколот на „Штарк Арената“, Црвена Звезда заслужено славеше над Монако со 91-79. Ова беше втора „шлаканица“ по ред за тимот од кнежевството во Белград, по поразот од Партизан во вторникот.

Српскиот шампион го скрши отпорот во последната четвртина, предводен од инспирираниот Огњен Добриќ, кој со 22 поени го израмни рекордот на кариерата, и новото засилување Џаред Батлер (20 поени). Кај гостите, 18-те поени на Мајк Џејмс не беа доволни. Со оваа победа, Звезда скокна на делба на првото место со скор 8-3.

Панатинаикос го замолкна Мадрид

Дербито на вечерта се одигра во „Визинк Центарот“, каде Панатинаикос го совлада Реал Мадрид со 87-77, комплетирајќи перфектна недела на гости.

Ергин Атаман повторно ја имаше добитната формула. Ти Џеј Шортс одигра како во транс со 19 поени и 6 асистенции, додека Кенет Фарид доминираше во рекетот со 16 поени и 8 скока. „Кралевите“ ја прекинаа серијата од пет домашни победи и паднаа на скор 5-6.

Фенербахче подобар во пресметката на шампионите

Во дуелот на актуелните шампиони на Евролигата и Еврокупот, Фенербахче го совлада амбициозниот Хапоел Тел Авив со 74-68. Турскиот гигант ја направи разликата во третата четвртина со серија од 11-0 и успеа да го издржи налетот на гостите предводени од Елајџа Брајант (19 поени).

Драма во Париз: Французите се вратија од бездната!

Париз Баскет ја прекина црната серија од четири порази со неверојатен пресврт против Валенсија (90-86). Шпанците водеа со 86-79 на помалку од 3 минути до крајот, но тогаш следеше „ураган“ од Париз. Серија од 11-0, зачинета со тројката за победа на Себастијан Херера на 4 секунди до крајот, донесе делириум во салата.

Макаби конечно до победа

Макаби Тел Авив ја забележа само третата победа сезонава, совладувајќи ја Басконија со 89-83. Во меч со многу пресврти, израелскиот тим пронајде „втор здив“ во последната четвртина, предводен од одличниот Ти Џеј Лиф (19 поени) и дабл-даблот на Џејлен Хорд.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено