§ На точно 20 години од дебито: Меси го започнува својот „последен танц“, но дали се сеќавате на првиот?

 

Објавено:

Вечерва, кога Лионел Меси ќе истрча на теренот за да се соочи со Алжир, официјално ќе го започне она што целиот фудбалски свет го нарекува негов „последен танц“. Очекувањата се толку застрашувачки големи што дури и неговиот спонзор Адидас денеска објави емотивно видео кое буквално ја ежи кожата. Видеото совршено го доловува тој невидлив феномен – како здивот на сите застанува во секундата кога „десетката“ ќе ја добие топката. Од најмалите деца кои штотуку се вљубуваат во фудбалот, до најстарите аргентински баби, сите дишат како едно срце секогаш кога игра Аргентина.

Но, за да биде оваа вечер уште поепска и попоетска, има еден неверојатен детаљ кој и дава уште поголемо значење на легендата. Меси вечерва ќе истрча на теренот точно 20 години по неговиот прв настап за Аргентина на Светските првенства. Две децении чиста, непрекината магија.

Германија 2006: Раѓањето на најголемиот на големата сцена

За да го разбереме крајот на оваа приказна, мора да се вратиме на самиот почеток. Беше 16 јуни 2006 година, на Светското првенство во Германија. Аргентина претходно го совлада Брегот на Слоновата Коска во првото коло, натпревар на кој младиот, тогаш 18-годишен Меси, не доби шанса за настап од селекторот Хозе Пекерман.

Но, на 16 јуни, на само осум дена пред неговиот 19-ти роденден, конечно дојде моментот за неговото долгоочекувано мундијалско деби. Се играше вториот натпревар од групната фаза, а Аргентина веќе имаше сигурно водство од 3-0 против Србија и Црна Гора. Во 74-та минута, младиот талент влезе од клупата.

Влијанието беше брутално и инстантно. На Меси му беа потребни само 3 минути за да ја запише својата прва асистенција (проигрувајќи го Ернан Креспо), а само 15 минути за да го постигне својот прв мундијалски гол за конечни 6-0. Со само 18 години, и само две како професионален играч, тој стана најмладиот Аргентинец кој некогаш заиграл на еден Мундијал. Ова деби од соништата му донесе место во стартните единаесет за следниот меч. За жал, тој турнир заврши болно за Аргентина со елиминација на пенали од Германија во четвртфиналето – меч на кој Меси остана на клупата, тренерска одлука за која Пекерман беше жестоко критикуван во тоа време.

Што се случи потоа? Градење на фудбалскиот мит

И покрај неговата младост, ова „чудо од дете“ продолжи да го маѓепсува светот со својот фудбал и експресно стана најдобриот играч на планетата. Тој се етаблираше како најголемата икона во историјата на Барселона, оставајќи ги навивачите на „Камп Ноу“ без здив. Освои буквално сè што можеше да се освои (во еден момент израмнувајќи се со Андрес Иниеста со 31 освоен тимски трофеи за Барса) и нареди долга листа на индивидуални признанија, освојувајќи ги своите први пет „Златни топки“ и пет „Златни копачки“ во тој златен период.

Предизвик кон историјата: Рекордите од Катар и целите за 2026

Да се зборува за Лионел Меси на Светските првенства повеќе не е само муабет за светски шампион. Тоа е приказна за фудбалер кој ги трансформираше најважните статистики на турнирот и кој преку својот талент, континуитет и лидерство остави печат за многу генерации.

Крунисувањето во Катар 2022 година имаше посебна вредност бидејќи ја комплетираше единствената сложувалка што недостасуваше во неговата вонземска кариера. Но, освен што го подигна пехарот, Меси го заврши тој турнир како фудбалер со најмногу одиграни натпревари во историјата на Мундијалите. Со 26 настапи, тој го сруши деценискиот рекорд на Германецот Лотар Матеус.

Капитенот стана и најдобар стрелец во историјата на Аргентина на Светските првенства. Неговите 13 голови (распределени низ 2006, 2010, 2014, 2018 и 2022) му овозможија да ги надмине сите легендарни голгетери во „албиселесте“ дресот. Тој е еден од ретките фудбалери во историјата способни да постигнуваат голови во различни изданија на турнирот во период од речиси две децении.

Сепак, историјата сè уште може да му понуди нови поглавја на овој Мундијал во САД, Мексико и Канада. Меси ќе има можност да продолжи да го зголемува својот рекорд на настапи и одиграни минути, поставувајќи граница на долговечност која веројатно никогаш нема да биде израмнета.

Тука се и големите статистички предизвици пред противничкиот гол. Со 13 погодоци, Меси е многу блиску до апсолутните кралеви на Мундијалите: Бразилецот Роналдо има 15 голови, додека Германецот Мирослав Клосе е на врвот со 16. Една добра офанзивна серија ова лето може да го доближи капитенот до марка која со години изгледаше апсолутно недостижна, а истовремено ќе се обиде да стане и најстариот аргентински стрелец на СП.

Првиот танц – емотивно сеќавање

Денеска, кога Аргентина ќе истрча на теренот за да се соочи со Алжир, започнува нивната одбрана на светската титула. Фудбалерот кој веќе ја освои круната, кој ги сруши историските рекорди и ги редефинираше границите на големината, повторно ќе бара нешто што изгледа невозможно: да продолжи да пишува невидени страници во фудбалската историја.

Сите зборуваат за неговиот „последен танц“. Но, знаете што? Додека светот дебатира за крајот, ние претпочитаме да се потсетиме на почетокот. Или како што напишаа од „TyC Sports“: „Ние бевме тука кога никој друг не беше“. Тие се сеќаваат како на првиот настап на Меси за Аргентина дури и неговото презиме било погрешно напишано, како детето со број 17 ги воодушевил пристутните и го најавил она што ќе стане историја.

Патувајте со нас 20 и нешто години назад и уживајте во кадрите од почетокот на легендата. Го видовме веќе првиот настап на светските првенства во сино-белиот дрес, но ова е вистинскиот „Прв танц“ на Лионел Меси во дресот на Аргентина:

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено