§ Што не видовме од отворањето на СП: Како изгледаше церемонијата во Мексико Сити!

 

Објавено:

Денешниот ден требаше да биде во знакот на спортските фанови во Македонија, не само поради почетокот на Светското првенство, туку и поради официјалното лансирање на македонската верзија на каналите на „Арена Спорт“, кои ги заменија (не додадоа) досегашните премиум програми. Сепак, наместо беспрекорен почеток, новата телевизиска ера започна со фрустрирачки технички проблеми. Токму во моментите кога во Мексико Сити започнуваше гламурозната празнична програма, техничките грешки во етерот на локалниот емитувач ги оставија македонските гледачи без можност да го видат отворањето.

Додека на режијата и на инженерите им требаше време да го оспособат сигналот за самиот почеток на натпреварот, а во студиото се дискутираше, култниот стадион „Ацтека“ го доживеа едно од најшарените и најскапите отворања во мундијалската историја. Еве што всушност пропуштивме да видиме во живо.

Музички десант предводен од Шакира, Џеј Балвин и Бурна Бој

За разлика од некои претходни првенства каде церемониите беа кратки и протоколарни, ФИФА овојпат реши да направи вистински мини-фестивал на кој настапија некои од најголемите глобални музички ѕвезди во моментов. Главната ѕвезда на вечерта беше неодоливата Колумбијка Шакира, која со својот настап уште еднаш докажа зошто е заштитно лице на мундијалските хитови во изминативе две децении.

Покрај неа, за подигнување на атмосферата кај 80.000 фанови на трибините беа задолжени и латино-иконата Џеј Балвин, афробит-сензацијата Бурна Бој, како и регионалните суперѕвезди Дани Оушн и Фер Олвера. Сценографијата беше импресивна комбинација на модерната поп-култура и почит кон минатото, каде стотици танчари беа облечени во традиционална облека на домородните народи, додека други во златни костими држеа џиновски златни фудбалски топки над своите глави.

Андреа Бочели и К-поп магија за официјалната химна

Еден од највпечатливите моменти кој понуди вистински естетски контраст беше изведбата на официјалната мундијалска химна насловена како „DNA“. На сцената заедно застанаа оперската легенда Андреа Бочели и младата К-поп ѕвезда Еџае (од групата Демон Хантерс), кои во совршен дует ја отпеаја нумерата што беше официјално промовирана само еден ден пред почетокот на турнирот.

Веднаш по химната, силни емоции донесоа и интонациите на националните химни на двете репрезентации. Химната на Мексико ја изведе Алекс Фернандес, син на легендарниот мексикански пејач Висенте Фернандес, пеејќи во еден глас со целиот стадион. Од друга страна, химната на Јужна Африка ја отпеа нивната најголема музичка ѕвезда во моментов и добитничка на Греми, Тајла.

Интересно е што ова е само почеток за неа, бидејќи веќе во петок, Тајла се сели во Лос Анџелес каде ќе учествува на втората свечена церемонија за отворањето во САД, каде ќе настапи на иста сцена со Кејти Пери, Фјучер, Лиса и Анита. Со оглед на тоа што ФИФА ангажираше десетици артисти за потребите на официјалниот албум со 18 песни, јасно е дека овој Мундијал ќе биде најмузичкиот досега, само се надеваме дека за следните свечености локалните технички проблеми конечно ќе бидат минато.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено