Арсенал направи огромен чекор кон титулата во Премиер лигата, совладувајќи го Евертон со 2-0, но натпреварот ќе остане запаметен по неверојатниот тинејџер Макс Дауман. Младиот фудбалер на „топчиите“ влезе од клупата и стана најмладиот стрелец во историјата на англиската елита!
Мачење на „топчиите“ и херојскиот Калафиори
Евертон дојде во Лондон со јасна намера да ги фрустрира лидерите и за малку ќе успееше во тоа. „Карамелите“ беа исклучително опасни во првото полувреме преку Двајт Мекнил, кој прво беше запрен од спектакуларниот акробатски блок на Рикардо Калафиори, а потоа ја погоди и стативата.
Арсенал бараше пенал по дуелот на Хаверц и Мајкл Кин, но ВАР пресуди дека контактот е минимален. Кога Давид Раја со фантастична одбрана го сопре Бето во второто полувреме, изгледаше дека Арсенал оди кон реми кое би му дало надеж на Манчестер Сити.
Џокерите на Артета: Ѓокереш и историскиот Дауман
Микел Артета ги повлече клучните потези во финишот, внесувајќи ги во игра Виктор Ѓокереш и 16-годишниот Макс Дауман. Токму Дауман во 89-та минута упати остар центаршут кој Пикфорд катастрофално го процени, а Виктор Ѓокереш беше на правото место за да ја смести топката во мрежата за 1-0.
Вистинскиот делириум на стадионот настана во судиското продолжение. Евертон фрли сè на една карта, па дури и голманот Џордан Пикфорд отиде во противничкиот шеснаесеттник на корнер. Арсенал ја расчисти опасноста, а топката дојде до Дауман кој претрча половина терен и ладнокрвно ја смести топката во празната мрежа за конечни 2-0.
Срушен рекорд стар 21 година
Со овој погодок, Макс Дауман стана најмладиот стрелец во историјата на Премиер лигата со само 16 години и 73 дена. Тој го собори рекордот на поранешниот напаѓач на Евертон, Џејмс Вон (16 години и 270 дена), кој беше поставен уште во далечната 2005 година.
Со оваа победа, Арсенал сега има 10 бодови предност пред Манчестер Сити на врвот на табелата (со два натпревари повеќе), со што го зголеми притисокот врз тимот на Пеп Гвардиола пред нивното вечерно гостување кај Вест Хем.



