4.8 C
Skopje

Три години од спектакуларната победа во Палермо!

Објавено:

- Advertisement -
- Advertisement -

Во пресрет на денешниот натпревар од квалификациите за Светското првенство, убаво е да се потсетиме на една убава епизода од минатите квалификации, кога Македонија успеа да ја победи Италија на домашен терен во Палермо.

Ние бевме таму, а ова е нашата приказна за патувањето…

Фотографии од приватна архива, Палермо 2022

После искуството на Европското првенство во Романија што изгледаше нереално и магично со Македонија на големите натпреварувања, следниот предизвик за нашето друштво беше да ја гледаме Македонија на квалификациите за Светското првенство, на барем едниот од двата натпревари.

Најпрво се чекаше доста време на Италијаните да одлучат каде ќе се игра натпреварот за да почнеме со планирање, па после неколку шпекулации дека ќе се игра во Рим или Милано, тие се одлучија можеби за најдалечната точка – Палермо.

И наместо да нè обесхрабри одлуката, ние се фрливме на планирање како да стигнеме до Палермо и назад со нашиот ограничен буџет, но огромна желба да го гледаме натпреварот. Можеби токму изборот на локацијата подоцна се покажа како клучен за магијата која се случи на трибините и теренот, бидејќи “позерите” во старт се откажаа од комплицираното патување, а вистинските љубители на спортот најдоа милион комбинации како да стигнат до градот во Сицилија.

За билетите овој пат беше малку полесно од сагата со Билјана од ФФМ која се случи пред Европското првенство (за тоа во друга прилика), најверојатно повторно поради локацијата која беше избрана за овој натпревар.

Целото патување до Палермо беше предизвик од страна на организација, па детално го испланиравме секој превоз, секој трансфер, прошетки низ градови и сместување блиску до аеродромите, за да го извадиме максимумот од краткото патување на далечната дестинација.

Ние го започнавме патувањето од Скопје до Тревисо со авион, а бидејќи имавме лет наредното утро имавме време едно попладне да се прошетаме низ Венеција на убавото мартовско време и да го разгледаме овој историски град полн со скриени ќошиња, историја и неверојатен шарм со мали плоштадчиња каде дечиња играа фудбал покрај расцветаните цреши.

Фотографии од лична архива. Венеција, 2022

После цел ден патување со авион, па воз, па локален автобус се сместивме во близина на аеродромот, од каде пешки сабајлето со една пауза во локалната кафетерија за еспресо на нога стигнавме до аеродромот Марко Поло, од каде го продолживме нашето патување со лет до Палермо со друга авио компанија.

Само што стигнавме во Палермо со воз до градот, се сместивме во сместувањето со скриена градина полна со дрвја со мандарини во непосредна близина на железничката станица. Веднаш се пресоблековме во дресовите на Македонија и излеговме да ја почувствуваме атмосферата пред натпреварот.

Преубаво пролетно време и насмеани навивачи насекаде низ градот кој е вистински хаотичен убавец – тоа беше глетката која нè пречека на прв поглед. Можеби како Балканци полесно се снајдовме во хаосот и помалку ни пречеше ѓубрето по улици, но не може а да не се спомне шармот во градот кој вистински живее на улица во секој момент од денот. Се вадат маси на сред улица, меѓу пазарџии ќе помине некој со мотор и ќе крене рака, келнерот ќе ја истресе масата на сред тротоар за да ти ја намести да седнеш, се поздравуваат луѓе, се смеат, разговараат, брзаат некаде, а не брзаат никаде, деца со топки си подаваат меѓу зградите, на плоштадчињата одеднаш се монтираат продавачи на улична храна, кафе баровите преполни со насмеани лица кои уживаат во предобро еспресо на пролетното сонце…

Фотографии од приватна архива, Палермо 2022

Токму на време го фативме и терминот кога во рестораните се послужуваше ручек, па успеавме да фатиме маса во мало италијанско ресторанче чија историја датираше од 1944 година, каде газдата веднаш нè пречека со насмевка кога ги виде дресовите на нас и помина со тањирче домашни специјалитети за да нè почасти како предјадење. За храната нема што да се дискутира – беспекорна како и секогаш и секаде во Италија. По ручекот се приклучивме на екипата навивачи од Македонија кои веќе беа собрани во една уличка со кафе барови и пееја македонски песни. Се сретнавме со веќе познати лица со кои често се гледаме по натпреварите. Дошле кој како се снашол – комбинации од разни летови до градови, села, возови, автобуси, автомобили… сите со една цел – да дадат дел од својата љубов кон нашата репрезентација таа вечер.

Ние со нетрпение ги броевме часовите до почетокот на натпреварот и ги очекувавме остатокот од нашето друштво кое тргнаа на тридневното патување до Палермо и назад со автомобили. До нас навивачите стигна информација дека треба да се упатиме до место каде се чекавме со автобусите кои пристигнуваа од Скопје и дека со организиран превоз ќе бидеме пренесени до стадионот Ренцо Барбера.

Се движевме по улиците на Палермо кон местото за чекање, над нас надлетуваа хеликоптери и дронови, како да ги очекуваа најголемите хулигани, а добија само расположени навивачи – мажи, жени, деца… чудна енергија се случи тој ден, како сите да беа екстра расположени, смирени во душата и без никаква тензија пред натпреварот и покрај дочекот кој го имавме на стадионот.

На Ренцо Барбера нè пречкаа можеби стотина полицајци, нè тресеа сите и нè упатија низ еден затворен тунел со решетки кој водеше кон гостинската трибина. Во “дворчето” под трибината каде требаше да почекаме за да нè пуштат нагоре, ни продаваа пиво преку решетки како во зоолошка, но ниту тоа не успеа да го наруши ритамот на енергијата која веќе и тоа како земаше замав.

Фотографии од приватна архива, Палермо 2022

Стадионот изгледаше величествено, сместен под стрмните падини на планината. Барем остатокот од стадионот, не делот каде бевме ние со скршени столчиња и бетон. И на сето тоа искуство, како повторно да не можеш да се налутиш. Знаеш дека едноставно тоа е дел од италијанската пасија за фудбалот. Ривалството меѓу домашните и гостинските навивачи. Психолошката борба гостите да бидат сместени во различни услови од домаќините. И како во тој момент да те радува што си таму да го искусиш тоа искуство кое можеби ќе го доживееш само еднаш – да ја гледаш Македонија како се спротивставува на големата Италија под отвореното небо во Палермо.

Пристигнаа и нашите пријатели со знамињата, шаловите и останатите реквизити кои ни ги носеа бидејќи ние патувавме само со ранчиња и брзи авионски трансфери, а тие со автомобили и драми по патот итале да го фатат почетокот на натпреварот. Се гушнавме, се поздравивме и си посакавме да гледаме убав натпревар за да се исплати целото тоа патешествие. Натпреварот започна со пеење на химните со цело срце и глас, па мало пејачко шоу од страна на домаќините.

Но, на гостинската трибина се случи нешто посебно. И тогаш – магија. Во еден глас започна песната на македонските навивачи собрани на трибината, без застанување, без поделби, без луѓе дојдени само за сликање, без театралности, само чиста енергија и љубов. Тие што беа таму таа вечер точно ќе се сетат дека таква енергија кога играла репрезентација, а не тим, ретко се има случено.

Се случи неочекуваното. Песната на малата навивачка група грмеше на стадионот од почеток до крај, наспроти трибините исполнети до последно место со италијански навивачи дојдени од сите краишта. Како да не можеа и тие да ја прекинат магијата на гостинската трибина и седеа неми додека грмеа македонските грла и ги надвикуваа… Атмосферата се прелеа на теренот, нашите се растрчаа, се бранеа машки, се надигруваа со големата Италија. И во целиот тој транс, како да не му се веруваше никому кога во последните минути од натпреварот Александар Трајковски успеа да ја протне топката во Италијанската мрежа. Еруптираше расположената македонска трибина, се вееја знамиња, се гушкаа познати и непознати, чекајќи го последниот свиреж на судијата.

Од многу натпревари на македонската репрезентација на кои имаме присуствувано, вклучувајќи ги и оние во Романија и безброј натпревари дома, ова беше можеби најмагичната атмосфера која ја имаме доживеано сите колективно.

После победата бевме чувани во истиот тој “двор” под трибината цели три часа. Овој пат без подадена вода или пиво низ решетките, без функционални тоалети, каде сега веќе вечерното ветре се спушташе од планината и брзо ги спушташе температурите. Се прашувавме дали до толку ги налутивме Италијаните или дали надвор ќе нè пречека хаос, но кога конечно нè пуштија улиците веќе беа празни, а локалите затворени. Па, сите отидовме да се одмориме после долгиот ден.

Наредниот ден излеговме да го разгледаме Палермо со еден нов елан, со исполнети срца и една гордост која бликаше од лицата на сите Македонци со кои се среќававме низ улиците на шармантниот град покрај морето.

Италијаните и покрај поразот беа беспрекорни домаќини. Сите ни ја честитаа големата победа, посакувајќи ни следно да ја покориме и големата Португалија на Роналдо. Вечерта во еден преубав ресторан на врвот на зграда, од каде се гледаше целиот град, келнерот ни раскажа како неговата ќерка која игра фудбал за женската лига, дошла со плачење после натпреварот и не можеле да ја смират од тага. Но, и покрај приказната, искрено ни честиташе, ја пофали играта на нашите фудбалери и ни заблагодари што сме дошле дури до Сицилија за да придонесеме за убавата атмосфера.

Оттаму се упативме на плоштадче каде беа собрани млади луѓе и се забавуваа прелеани на улица од преполните кафе барови. Цените ни одблизу ненормални како во Скопје, достапни за сите, па можеше да се најде Хајнекен пиво за 1 евро во кафе баровите или локално точено пиво дури и за поевтино.

Отидовме вечерта да отспиеме едвај некој саат, пред да го фатиме првиот воз во 5 наутро за да стигнеме навреме за авионот до следната дестинација во Тревисо. А, таму како за крај на ова кратко, но убаво патување, нè пречека фестивал на домашни италијански сирења и пршути, па како да не можевме да посакаме подобар крај на патувањето си купивме по некој пармезан и пекорино, дегустиравме и со гестикулации се разбиравме со бабички и дедовци кои зборуваа само италијански, ама беа упорни да ги пробаме нивните домашни производи и да нè поздравуваат со насмевка.

Фотографии од приватна архива, Тревисо 2022

Се прошетавме низ градот кој исто така има неверојатен дух и шарм, паркови и историја, млади кои го поминуваат денот уживајќи на тревниците покрај реката и во парковите… Град кој можеби заслужува малку поголем статус од само аеродромска станица на пат кон Венеција, па наша искрена препорака е да го посетите и да му посветите барем една прошетка доколку патувате натаму.

И повторно, после утринското возење со воз, се повозевме со локалните автобуси и стигнавме до аеродромот од каде се вративме назад во Македонија со многу искуства, спомени и едно сеќавање за едно незаборавно патување кое ќе го носиме со нас до крајот на животот…

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено