Јирген Клоп, еден од најценетите фудбалски умови на денешницата, можеби повеќе не е на клупата на Ливерпул, но неговиот глас и понатаму силно одекнува. Во своето последно интервју, германскиот стратег упати жестока критика кон новиот формат на Светското клупско првенство, нарекувајќи го “најлошата идеја имплементирана во фудбалот”, со што ги разбуди стравувањата за тоа што ги чека фудбалерите во иднина.
Неговите “црни прогнози” не се без основа. Доволно е да се потсетиме на Светското првенство во Катар во 2022 година, кое за првпат се одржа во зима. Тој турнир, кој го згусна клупскиот календар до невидени размери, предизвика вистински бран на повреди. Многу ѕвезди го пропуштија Мундијалот поради повреди здобиени од пеколниот ритам на натпревари непосредно пред почетокот, додека уште повеќе играчи доживеаја физички и ментален пад во вториот дел од сезоната.
Катар беше само предупредување. Она што следува, според Клоп, е темпирана бомба за здравјето на играчите.
“Минатата година имавме Копа Америка и Европско првенство. Оваа година го имаме Светското клупско првенство, а следната го имаме Светското првенство. Тоа значи дека играчите нема да имаат време да се опорават ниту физички, ниту психички”, предупреди Клоп.
Проширениот формат на Светското клупско првенство во 2025 и новиот систем на Светското првенство со 48 репрезентации во 2026 година создаваат речиси тригодишен циклус на врвни натпреварувања без можност за адекватен одмор. Клоп ја истакна апсурдноста на ситуацијата, споредувајќи ја со другите големи спортови.
“Еден НБА-играч, кој исто така заработува огромна плата, има четиримесечна пауза секоја година. Толку одмор Вирџил ван Дајк немал во целата своја кариера”, сликовито објасни тој.
Додека ФИФА и клубовите гледаат можност за огромна заработка, почитуваните фудбалски работници како Клоп гледаат неминовен ризик. Ако неговите прогнози се остварат, Светското првенство во 2026 година би можело да биде запаметено не само по возбудливиот фудбал, туку и по рекорден број на повредени и „потрошени“ играчи. Прашањето е дали фудбалот е подготвен да ги жртвува своите најголеми ѕвезди за сметка на профитот.