Формула 1 светот денес беше изненаден од наглиот потег на Ред Бул да го отпуштат својот тимски менаџер после 20 години, а сега и Кристијан Хорнер се огласи со долга изјава на социјалните мрежи.
Неговото место ќе го заземе Лорен Мекиес, а според информациите што излегоа во јавноста, Хорнер ја дознал својата судбина вчера, по што денес наутро му била дадена можност да се прости со својот тим кој напорно го градеше сите овие години.
На социјалните мрежи се појави видеото каде Хорнер држи говор пред тимот за да ги извести за неговото заминување.

“Вчера бев информиран од Ред Бул дека, оперативно, повеќе нема да бидам вклучен во работата или во тимот по завршувањето на овој собир”.
“Ќе останам вработен во компанијата, но од оперативен аспект, штафетата ќе биде предадена на друг. Тоа, секако, беше шок за мене, но во последните 12 часа имав време да размислам. Сакав да застанам пред сите вас и лично да ја споделам оваа вест и да ја изразам мојата благодарност до секој поединец од тимот кој вложи толку многу во овие последни 20 и половина години колку што сум тука”.
“Кога пристигнав пред 20 години, со неколку седи влакна помалку, влегов во тимот без да знам што да очекувам, но веднаш бев пречекан со топлина. Од две запуштени згради, започнавме да го градиме она што подоцна стана движечка сила во Формула 1. Да бидам дел од овој тим беше најголемата привилегија во мојот живот”, се слуша од неговиот говор пред своите колеги во Милтон Кинс.
Christian Horner farewell speech at Milton Keynes pic.twitter.com/DA2FiRzuC8
— ahmed baokbah (@ahmed_baokbah) July 9, 2025
Хорнер навистина беше еден од клучните луѓе кои помогнаа да се изгради доминацијата на Ред Бул во спортот. Тој имаше огромно влијание при давањето шанса на Макс Верстапен уште во неговите тинејџерски години и изгради тим кој никој не очекуваше да стане еден од клучните играчи во Формула 1 за толку брзо време од постоењето.
Оваа одлука дошла како изненадување за Хорнер, а откако гласините беа потврдени во јавноста, се огласија и двајцата возачи на Ред Бул, Макс Верстапен и Јуки Цунода кои му се заблагодарија за дадената шанса и досегашната соработка.
Дури и Ред Бул објавија емотивно видео на социјалните мрежи за да го испратат од функцијата, што многумина од фановите го видоа како последна објава на Извршниот маркетинг директор кој исто така беше избркан заедно со Хорнер денес.
На крајот на денот, Хорнер се огласи и до јавноста преку објава на Инстаграм. За оние кои сакаат да ги прочитаат во целост неговите зборови, во продолжение следува превод од изјавата.
View this post on Instagram
“По неверојатно патување од две децении, со тешко срце денес се збогувам со тимот кој го сакав со сè срце. Секој од вас – неверојатните луѓе во фабриката – бевте срцето и душата на сè што постигнавме. И во победите и во поразите, секој чекор го минавме заедно, како едно, и никогаш нема да го заборавам тоа”.
“Беше привилегија да бидам дел од и да го водам овој епски тим. Неизмерно сум горд на сè што заеднички постигнавме и на секој од вас.
Благодарам на неверојатните партнери и фанови кои ни овозможија да се тркаме. Вашата поддршка ни помогна да пораснеме од скромен почеток до Ф1 сила што освои 6 титули кај конструктори и 8 возачки шампионски круни”.
Исто така, благодарам и на нашите ривали – без нив оваа трка не би била можно. Ни поставивте предизвици, не туркавте до граници, и нè направивте подобри отколку што некогаш можевме да сонуваме. Натпреварувањето ги направи победите уште послатки, а неуспесите – можности за учење и раст.
Формула 1 е спорт изграден врз неуморна амбиција, страст и почит. Ривалствата беа жестоки, но заедничкиот стремеж да се иновира и постави нов стандард е токму она што го направи ова патување толку посебно.
Чест ми беше да бидам дел од оваа неверојатна ера во мотоспортот. Заминувам исполнет со гордост за она што го постигнавме, и со возбуда за тоа што доаѓа во 2026 година. Огромна почит за сите што ја направија Формула 1 врвот што е денес.
Ви благодарам.
Кристијан
🏆 6 титули кај конструктори
🏆 8 титули кај возачи
🏁 124 победи
🚀 12 спринт победи
🥈 287 подиуми
🎯 107 пол-позиции
⚡ 100 најбрзи круга”