25.8 C
Skopje

Предавство на легендата: Зошто Столе Стоилов си оди од Вардар?

Објавено:

- Advertisement -
- Advertisement -

Стојанче Стоилов, капитенот, лидерот и симболот на најголемите успеси на РК Вардар, го напушта клубот по 14 години верност. Оваа вест, која одекна како гром во македонската спортска јавност, не е резултат на взаемен договор, туку последица на, како што многумина го нарекуваат, срамен и понижувачки потег на раководството на клубот. Човекот кој го остави срцето на терен за “црвено-црните” беше принуден да си замине.

Причината за раздорот: Хрватска “коцка” наместо македонска икона

Чашата се прели со одлуката на првиот човек на Вардар, Михајло Михајловски, за нов тренер на тимот да го именува Хрватот Иван Чупиќ. Иако Чупиќ е поранешен играч на Вардар, тој доаѓа како тренер без речиси никакво искуство, за кого клубот дури плати и отштета од 30.000 евра. Овој потег беше директен удар врз Стоилов, кој цела година работеше како помошен тренер и беше логичен, природен наследник на клупата.

На промоцијата на Чупиќ, Михајловски се обиде да ја оправда одлуката со зборовите: “Стоилов е икона на Вардар и за него секогаш има место во клубот. Но, сметам дека во моментов не е подготвен да го води првиот тим”. Оваа изјава беше дочекана со потсмев и гнев, бидејќи клубот му ја даде довербата на подеднакво неискусен тренер, но странец.

Повторно македонскиот комплекс: Туѓото е секогаш подобро

Да, ние во Спортска Станица сме поддржувачи на скопски Вардар и на сите други македонски клубови, на македонскиот ракомет и на македонскиот спорт во целост. Силно сме убедени дека и самиот Стојанче секогаш ќе потскокнува од своето место кога Вардар ќе постигне погодок, без разлика дали е дел од клубот или не. Но, токму поради таа почит, ова е тема за која веруваме дека мора да се зборува отворено.

Тука повторно доаѓаме до она препознатливото, македонското – туѓото е секогаш подобро. Секоја чест за Иван Чупиќ и за сè што направи за Вардар, но со што ја заслужи шансата пред Столе? Михајло Михајловски, капа долу за сè што направивте за РК Вардар низ годините, но изгледа дека како што годините си го прават своето кај спортистите, истото важи и за луѓето во кожните седишта.

Оваа одлука е само продолжение на серијата нелогични потези, како што беше продолжувањето на договорот со Аргентинецот Гиљермо Милано пред клучниот натпревар со Пелистер, за веднаш потоа да му биде врачен отказ откако тој практично сам го загуби добиениот натпревар и им го подари трофејот на битолчани. За иронијата да биде уште поголема, човекот кој беше “тренер” сите овие години, дури и додека играше, сега е прогласен за “недоволно подготвен”.

Кој е Стојанче Стоилов за Вардар?

Раководството на Вардар како преку ноќ да заборави кој е Стојанче Стоилов. Тој е човекот кој го носеше дресот 14 години, кој гинеше за него, кој беше главниот мотор во деновите на слава, кога се освоија две титули во Лигата на шампионите. Но, уште поважно, тој беше тука и кога Вардар се давеше во финансиска мизерија. Тој остана.

Стоилов ќе остане запишан во историјата на македонскиот и европскиот ракомет. Ова раководство, пак, ќе остане запишано со дамка која, како што вели еден новинарски коментар, “не може да ја избрише ниту Вениш”. Ова е лоша порака за младите, срам за клубот и тажен ден за македонскиот спорт.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено

SportStation.mk