Македонската кошаркарска репрезентација го започна настапот во втората фаза од претквалификациите за Светското првенство 2027 со пораз на домашен терен. Во реновираната сала во Куманово, избраниците на Марјан Илиевски беа поразени од Романија со 72:80, по меч исполнет со бројни пресврти, но и блесоци на индивидуална класа.
Првата четвртина донесе изедначена игра и резултатско надигрување. По стартното водство на Романците (12:7), Македонија одговори со серија предводена од агресивниот Митревски и спектакуларниот Џејкоб Вајли, кој забележа две забивања и тројка за целосен пресврт (16:12). На крајот на периодот, нашата селекција водеше со 18:17.
Вториот дел започна со пад во играта и серија на Романија (10:2), но нов блесок на Вајли и тројката на Симиќ ја вратија Македонија во игра, носејќи водство од 32:31 на полувреме.

Во третата четвртина, натпреварот продолжи во исто темпо, пресврт за пресврт. Романците поведоа со плус 6, но нова реакција на Симиќ и Ташовски, проследена со поени на Митревски и Вајли, ја вратија иницијативата кај домаќините. По 30 минути игра, Македонија водеше 57:55, а Вајли веќе имаше 27 поени на своето конто.
Сепак, во последната четвртина, концентрацијата попушти. Иако имавме водство од 61:56, Романија одговори со серија од 10:3 и дојде до предност од 66:64. Тројките на Дикулеску во финишот беа клучни за гостите, кои го заверија триумфот и обезбедија предност на стартот од групата “Е”.
Македонија не успеа да го капитализира фантастичниот настап на Џејкоб Вајли, кој натпреварот го заврши со дабл-дабл, со 28 поени, 12 скока и 4 асистенции. Митревски и Мекиќ постигнаа по 10 поени, но тоа не беше доволно за позитивен старт.
Следниот предизвик за “црвено-жолтите” е гостувањето кај Унгарија, каде ќе се обидат да ја вратат рамнотежата во квалификацискиот циклус.




