Вардар со моќна игра и четири погодоци го освои вечното дерби против Пелистер, славејќи со убедливи 4:1 на Градскиот стадион во Скопје. Новата сезона само што започна, а “црвено-црните” испратија порака дека имаат сериозни амбиции.
Дуелот започна со претпазлив ритам, но домашните први покренаа сериозна акција за постигнување на погодок. Во најсериозната шанса од првиот дел, младиот репрезентативец Димитар Данев излезе сам пред Јовчевски, но се двоумеше за ударот и шансата пропадна. Пелистер веднаш возврати, Петар Ристиќ имаше зицер, но голманот Талески со фантастична интервенција го задржа резултатот непременет.
И кога сите мислеа дека полувремето ќе заврши без голови, во втората минута од судиското продолжение Данев ја исправи својата претходна грешка. Со прецизен удар од центарот на шеснаесетникот ја смести топката во долниот лев агол за водство од 1:0 и експлозија на трибините.

Вардар во вториот дел излезе уште поагресивно, а наградата стигна брзо. Во 50-та минута, Роџерс Мато со акробатски потег ја зафати топката и мајсторски го лобуваше Јовчевски за 2:0.
Пелистер не се предаде и во 65-та минута успеа да се врати во игра. Лука Булатовиќ по убава акција го совлада Талески со удар во неговата лева страна за 2:1. Но, тоа беше само кратко затишје пред новиот налет на Вардар.
Повторно Данев беше во главната улога. По долго нафрлување, со дриблинг го елиминираше својот чувар и со прецизен удар ја врати разликата на два гола. Со вториот погодок на мечот, тој покажа дека е вистинско засилување за “црвено-црните” оваа сезона.
Во самиот финиш, резервистот Кастањеда со соло пробив и одмерен удар со десна нога го постави конечниот резултат од 4:1. Вардар со стил го отвори шампионатот и на големо радост им подари на своите навивачи, додека Пелистер ќе мора брзо да заборави на оваа вечер и да бара поправка во следните кола.
