Вечерва Ливерпул ќе ја отвори сезоната на Премиер лигата со натпреварот на домашниот терен, но ова ќе биде прв официјален натпревар во лигата за нив без соиграчот Диого Жота.
Во чест на него и на неговиот брат Андре Силва, вечерва се подготвува мозаик на трибините на Енфилд, кој ќе ги испише нивните иницијали и броеви.

Мозаиците на Енфилд веќе 30 години се дело на страстен навивач на Ливерпул. Енфилд отсекогаш бил синоним за бои, глас и емоции. Но кога сето тоа е придружено со мозаик од илјадници картици што создаваат порака, лик или спомен, магијата станува уште поголема.
Човекот кој веќе три децении го претвора стадионот во галерија, Енди Нот, започнал да ги прави мозаиците уште во 1996 година. Тој бил човекот и зад мозаикот со картички во чест на Јирген Клоп, кога дури 24.000 навивачи го испишаа неговото име за збогување со тренерот.
“Сакавме да ја подобриме атмосферата”, се сеќава тој за идејата која започнала откако Ливерпул одиграл пријателски натпревар со Џенова. “Тие направија мозаик, а некој предложи – зошто и ние да не пробаме? Јас имав печатница и така почнавме”.

Изработката бара часови планирање, организација и координација. Кога станува збор за трибината на Енфилд, дизајнот мора да биде читлив и впечатлив од секое седиште. “Со Клоп не можевме да напишеме нешто долго, ќе беше премало и без ефект. Подобро е голем симбол кој сите го разбираат”, вели Енди.
Утрото на денот на мозаикот секогаш е полно со возбуда. “Не паметам да сме имале некој кој не излезе како што треба”, додава тој.
За Енди, ова не е работа, ниту обврска. Тоа е чиста љубов. “За мене, ова е работа од љубов”, заклучува човекот кој 30 години ја обојува историјата на Енфилд.



