Александер Исак вечерва беше вклучен во најдобриот тим на ПФА наградите, како играч на Њукасл. Очигледно ова беше доволно да предизвика реакција кај играчот и тој конечно да се огласи после целата драма ова лето со неговиот трансфер.
“Горд сум што бев признаен од страна на моите колеги професионалци со место во ПФА тимот на сезоната за 2024/25. Најпрво, би сакал да им се заблагодарам на моите соиграчи и на сите во Њукасл кои ме поддржуваа на тој пат”, започнува неговата изјава на Инстаграм.
“Вечерва не сум на церемонијата. Со сè што се случува, не ми изгледаше во ред да бидам таму. Останав тивок долго време додека другите зборуваа. Таа тишина им даде за право на некои луѓе да ја туркаат нарацијата на својата верзија на настаните, иако знаеја дека тоа не е она што навистина беше кажано и договорено зад затворени врати”.
“Реалноста е дека беа направени ветувања и клубот ја знаеше мојата позиција многу долго време. Да се преправаат сега дека само што се појавиле тие теми е извртување на вистината. Кога ветувањата ќе се прекршат и довербата е изгубена, не може да се продолжи. Такви се работите со мене во моментов и тоа е причината зошто промената е во најдобар интерес на сите, не само за мене”, вели тој.
Повеќе од јасно е сега каков е ставот на играчот, а сега на потег е клубот кој или ќе ја прифати неговата желба за трансфер или ќе треба да ги решава проблемите со несреќниот играч кој има уште три години од договорот.




