Струга е град со голема спортска култура. Градот на поезијата е и град на големи спортски клубови, на големи спортисти и традиционални турнири како оној за ракомет кој оваа година се одржа по 53-ти пат или турнирот за мал фудбал во селото Мешеишта кој годинава славеше јубилеј од 50 години.
И не зборуваме само за професионалните клубови и спортисти, туку за секојдневното пулсирање на градот во спортскиот дух. Од скокови на Дрим, до рекреативци кои редовно трчаат или возат велосипед по патеката од Струга до автокамп АС, до терени за фудбал и кошарка на кои постојано некој шутира со топка, за оние кои пливаат редовно после работа… едноставно спортот во некаква форма е присутен насекаде во овој убав град.
Едни од оние кои се трудат таа љубов кон спортот да ја пренесат кај најмладите и да ги научат на вистински професионализам уште од мали нозе се клубот “3Дисциплини”, кои оваа година по 12 пат го организираат детскиот триатлон.
Традиционалниот меѓународен триатлон “3 Дисциплини спринт дистанца” ќе се одржи утре, сабота 23 август во Струга.
Деновиве имавме можност да ги гледаме младите спортисти како се подготвуваат за триатлонот, а нивната одлучност, мотивација и љубов кон спортот нè инспирираа да дознаеме нешто повеќе за овој настан и да поразговараме со тренерот Никола Кутаноски.
Триатлон Клубот “3 Дисциплини” или на англиски (3Disciplines) е оформен како Здружение во 2018 година со дозвола од претседателот на Америчката организација “3дисциплинес”, г-динот Кени Крел (Kenny Krell), кадешто претседателот и тренер Никола Кутаноски и неофицијално настапуваше на државните првенства по триатлон.
Под истото име постои и пливачкиот клуб “Три Дисциплини” со летна школа во текот на летниот период со преку 300 дечиња и половина од нив активни во текот на целата година.
Иако овој настан вклучува и категорија за сениори, постари од 20 години и рекреативци, сепак главниот фокус се детските категории. Најмалите, децата од 2016 или помали, пливаат 100 метри, возат 2,5 километри со велосипед и трчаат 0.675 км.
Најсериозен предизвик меѓу децата имаат Јуниорите (2009-2006) чиј триатлон содржи 750м пливање, 20км велосипед и 5км трчање.
Дали забележувате пораст од година во година кај младите учесници? Дали младите љубители на спортот ја пренесуваат својата љубов со своите другарчиња кои се мотивираат и тие да започнат да вежбаат?
Во последниве неколку години триатлонот е еден од најбрзорастечките спортови. Секоја година бројот на дечиња заинтересирани за Триатлонот расте.
За да биде триатлонец било кое дете најпрво мора да научи да плива, зошто Триатлонците најпрво пливаат, прават транзиција, возат велосипед и на крај трчаат. Со отворањето на Затворениот пливачки базен во Струга ги имаме сите услови за успех. Но, сепак тоа не е така лесен спорт и го можат само најхрабрите. Затоа и всушност нашето мото е “Koга еден спорт не е доволен, пробај Триатлон”.
Колку години има најмалиот учесник оваа година? Колку години има најмладиот победник досега во овие 12 години?
Најмалиот учесник оваа година има 6 години, но сме имале и многу помали учесници меѓу кои и нашиот повеќекратен првак во Триатлон, Дуатлон и Акватлон и маратонско пливање а воедно и стипендист на АСОМ Јован Кутаноски кој со помош на тренерот заврши триатлон на 3.5 години.
Победниците се прогласуваат по категории. Поделени се според возраста на неколку категории: Деца 1 , Деца 2, Кадети , Јуниори, Сениори, и има категорија за рекреативци Мастерс.
Нашиот клуб има победници секогаш речиси во секоја категорија. Би го издвоиле нашиот шампион Димитар Јованоски, Цветко Митрески,Верица Митреска, Давор Попоски, Тија Кукунешоска,Миа Мачоска, Олса Орани, Матео Мачоски, Јован Кутаноски, Стефанија Кутаноска, Софија Кутаноска, Девран Куртис, Марко Шаврески, Хади Исмаилоски, Бона Кукунешоска, Мона Кукунешоска, Матеј Лазороски, Дарија Магдис, Блерта Хани и уште многу други успешни дечиња.
Што би им препорачале пред сè на сите родители, па и на децата? Како да се мотивираат децата повеќе да практикуваат спортски активности на отворено, а помалку да седат затворени во соба пред екраните?
Триатлонот е забавен, разновиден и одличен за целокупен физички развој. Најважно е детето да ужива во спортот. Поттикнувајте го преку пофалби за трудот, не само за постигнувањата.
Не го притискајте со очекувања – страста за спорт се гради со време. Мислам дека најдобар одговор на ова прашање може да ви дадат дечињата од нашиот клуб кои после тренингот не престануваат со заедничка дружба.
Погледнете ги мапите на трите активности кои се одвиваат на релација Евро Хотел-Струга, како и стартната листа на следниов линк и дојдете заедно да ги поддржиме младите спортисти во новите успеси!