Њукасл Јунајтед го официјализираше најскапиот трансфер во клупската историја, ангажирајќи го германскиот напаѓач Ник Волтемаде од Штутгарт. Високиот 196 сантиметри голгетер ќе го носи дресот со број 27, со што станува седмо засилување на Еди Хау во овој летен преоден рок.
Волтемаде (23) пристигнува по блескава сезона во Бундеслигата, каде со 12 погодоци и вкупно 17 во сите натпреварувања му го донесе Купот на Германија на Штутгарт. Германскиот репрезентативец беше и најдобар стрелец на Европското првенство за млади ова лето со 6 гола, дополнително потврдувајќи го својот потенцијал.
Со неговото доаѓање, Њукасл добива свежа опција во нападот по заминувањето на Калум Вилсон и неизвесната иднина на Александар Исак, кој сè уште не настапил оваа сезона и се поврзува со трансфер во Ливерпул.
“Пресреќен сум што дојдов во овој неверојатен клуб. Од првиот контакт почувствував дека ме сакаат и дека имаат големи планови за мене. Едвај чекам да играм пред оваа публика и да почнам да давам голови”, изјави Волтемаде.
Willkommen, Woltemade 🖤🤍 pic.twitter.com/FsEpSMDGP8
— Newcastle United (@NUFC) August 30, 2025
Менаџерот Еди Хау додаде: “Ник е играч со одлична техника и веќе докажан голгетер во една од најсилните европски лиги. Но, исто така е и млад, со многу простор за развој”.
Волтемаде ја започна кариерата во Вердер Бремен, каде што на 17 години стана најмладиот дебитант во историјата на клубот. Потоа следуваше позајмица во Елверсберг, враќање во Бремен и конечно трансфер во Штутгарт, каде го освои првиот голем трофеј во кариерата.
Дебито за Њукасл би можело да го има веднаш по репрезентативната пауза, со оглед дека овој викенд “Страчките” гостуваат кај Лидс, а потоа на 13-ти септември го пречекуваат Вулверхемптон.
Nick Woltemade at #U21EURO 💫🇩🇪 pic.twitter.com/UmslFCMf1K
— UEFA Men’s Youth (@UEFAMensYouth) July 1, 2025