Во потег кој ја отсликува целата ароганција и нетрпеливост на модерниот фудбал, раководството на Реал Мадрид, на чело со Флорентино Перез, одлучи втора година по ред да ја бојкотира најпрестижната индивидуална церемонија во светот, доделувањето на “Златната топка”.
Според француските медиуми, ниту еден претставник на “кралскиот клуб”, ниту играч, ниту директор, нема да се појави на свеченоста во Париз на 22 септември. Оваа одлука, која доаѓа по сличниот бојкот и минатата година, предизвика лавина од реакции и го отвори прашањето: дали Реал Мадрид е само лош губитник?
Зошто бојкотот? Од “кражбата” на Винисиус до празни раце
Минатата година, причината за бојкотот беше јасна, Реал Мадрид сметаше дека нивната ѕвезда, Винисиус Жуниор, е “ограбен” и дека незаслужено наградата му припадна на Родри од Манчестер Сити. Но, која е причината оваа година?
По разочарувачката сезона без освоен голем трофеј, јасно е дека ниту еден играч на Реал Мадрид не е сериозен кандидат за наградата, иако на листата на номинирани се наоѓаат Килијан Мбапе, Џуд Белингем и Винисиус Жуниор. Ова го остава впечатокот дека клубот се води по принципот: “Ако не победуваме, не играме”.
Реакциите: “Детско и несериозно”, “Срам за клубот”
Одлуката на Перез беше дочекана “на нож” од фудбалската јавност, па дури и од сопствените навивачи.
“Не разбирам, зошто оваа година? Дали очекувавме некој наш да ја освои по сезона без титула? Зарем Флорентино не сфаќа колку детинесто и несериозно изгледаме?”, гласи еден од најпопуларните коментари на Reddit, напишан од фан на Реал Мадрид.
Други, пак, беа уште подиректни: “Какви разгалени плачковци”, “Ова е срамно за клуб од ваква големина”, “Може да се обложите дека ако следната година некој нивен играч биде фаворит, први ќе дотрчаат на церемонијата”.
Дали Реал Мадрид е единствениот?
Сепак, фер е да се каже дека Реал Мадрид не е првиот голем клуб или играч што бојкотира ваква церемонија. Во минатото, и Лионел Меси и Кристијано Роналдо знаеле да не се појават на доделувањето кога знаеле дека нема да победат. Но, разликата е во тоа што ова е официјален, клупски бојкот, кој трае веќе втора година по ред.
Позадината на војната
Многу аналитичари сметаат дека овој потег не е само поради “Златната топка”, туку е уште една епизода од тивката војна што Флорентино Перез ја води против УЕФА и сите организации кои се противат на неговиот проект за Суперлига.
На крајот, ова е уште еден тажен ден за фудбалската дипломатија. Наместо да покаже почит кон другите клубови и играчи, Реал Мадрид уште еднаш одбра да ја покаже својата ароганција.