4.8 C
Skopje

Ламин Јамал: Спорот меѓу Барселона и репрезентацијата на Шпанија

Објавено:

- Advertisement -
- Advertisement -

Тренерот на Барса, Ханси Флик беше бесен пред натпреварот со Валенсија. Германецот не е човек што лесно губи контрола, но причината овој пат е повеќе од сериозна – Ламин Јамал, тинејџерот од кого Барселона очекува да биде иднината на клубот играше за репрезентацијата на Шпанија со болки и апчиња.

Како дојде до ова?

Флик откри дека Јамал пристигнал во репрезентацијата на Шпанија со мал проблем, не одработил ниту еден цел тренинг, а сепак бил ставен во стартниот состав против Бугарија и Турција во квалификациите за Светското превенство. На двата меча тој помина над 70 минути на теренот.

“Ова не е грижа за играчите”, изјави Флик. “Шпанија има неверојатен тим, со најдобри фудбалери на секоја позиција. Но ако зборуваме за заштита на младите таленти, тоа значи да не ги тераш да играат со инјекции и лекови”.

Извор: https://x.com/SEFutbol

Барселона без Јамал, но со демонстрација на сила

Додека младиот бисер седеше на трибините, неговите соиграчи направија вистински спектакл. Барса ја здроби Валенсија со 6-0, натпревар кој наместо на Камп Ноу се одигра на скромниот Јохан Кројф стадион, во сенка на градежните работи на големата арена. Победата изгледаше лесна, но празнината без Јамал беше очигледна, а најважното прашање остана отворено: дали ќе биде подготвен за дуелот со Њукасл во Лигата на шампионите?

Федерацијата го возврати ударот

Од Шпанската федерација велат дека тие воопшто не знаеле дека Јамал е повреден и дека Барса не испратила медицински извештај. Како пример, наведуваат дека ПСЖ и Кристал Палас доставиле документи за малите повреди на Фабијан Руиз и Јереми Пино, кои веднаш биле ослободени од обврските со репрезентацијата.

За ситуацијата да биде уште понејасна, од Федерацијата истакнуваат дека личниот физиотерапевт на Јамал во репрезентацијата, Фернандо Галан, е човекот кој се грижи за него и во клубот, по што се поставува прашањето “како е можно во Барселона да не знаеле дека играчот е повреден?”.

Извор: https://x.com/SEFutbol

Острата реакција на Флик ги отвори дебатите за примерите со Педри, Ансу, Гави

Загриженоста на Флик можеби доаѓа токму од историјата на ваквите сценарија во минатото и односот меѓу Барселона и репрезентацијата. Некои од опасните примери веќе испраќаат сериозни предупредувања, а Флик добро знае што може да се случи ако се претера со младите играчи.

Прв таков пример е Педри, кој во 2021 играше и на Европско првенство и на Олимписките игри. Тој тогаш одигра неверојатни 73 натпревари, но резултатот на тоа е што мораше поради повреди во наредните три сезони да пропушти дури 85 мечеви.

И Ансу Фати, кој некогаш беше споменуван како наследникот на Меси, па дури и ја носеше легендарната “десетка”, беше турнат прерано назад на терените по операцијата на менискусот. Откако се здоби со повреда на задната ложа како резултат на тоа, тој одби да се оперира и никогаш не се врати во својата првична форма. Денес, на позајмица во Монако, тој сè уште не е близу до својот некогашен врв.

А да не зборуваме за Гави, кој се уште ја лечи својата тешка повреда на коленото. Иако од клубот велат дека лигаментите не му се во опасност, сепак менискусот е, па ја следат ситуацијата на дневна база.

Ова не се само индивидуални трагедии, туку и јасна слика за ризикот кога младите таленти се туркаат до границите на нивните можности. И затоа Флик предупредува – Јамал мора да биде заштитен, инаку Барса ризикува да ја повтори истата болна историја.

Извор: https://x.com/FCBarcelona

Германецот има јасен принцип: подобро без играч, отколку со ризик. Исто како што не дозволи Левандовски да се врати предвреме, така нема да направи исклучок ниту за Јамал.

“Играчите мора да бидат искрени за својата состојба” порача тој.

Во време кога тинејџери како Јамал стануваат светски ѕвезди уште пред да наполни полнолетство, прашањето е едно: дали фудбалската индустрија е подготвена да ги заштити или повторно ќе ги изгубиме во лавиринтот на повреди?

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено