Формула 1 официјално го претстави календарот со шест спринт викенди за сезоната 2026, а во него влегоа и неколку сосема нови дестинации. Канада, Холандија и Сингапур првпат ќе бидат домаќини на спринт форматот, додека Силверстоун конечно ќе ја добие својата прва спринт трка откако форматот беше воведен во 2021 година.
Покрај нив, Кина и Мајами ќе ја задржат улогата од оваа година, што значи дека местото ќе го загубат Белгија, Остин, Бразил и Катар.
Вака изгледа календарот на спринт трките во 2026:
13-15 март – Кина (Шангај)
1-3 мај – Мајами
22-24 мај – Канада (Монтреал)
3-5 јули – Велика Британија (Силверстоун)
21-23 август – Холандија (Зандворт)
9-11 октомври – Сингапур
Што значи спринт викенд?
Спринтот носи дополнителна 100 километарска трка во сабота и специјална квалификациска сесија во петок за одредување на гридот. Наместо трите едночасовни тренинзи, тимовите добиваат само еден, што додава неизвесност и тактички предизвици.
Форматот на “главните” квалификации и неделната трка останува непроменет, но распоредот го менува целиот ритам на викендот и за возачите, и за тимовите, и за навивачите.
Извршниот директор на Ф1, Стефано Доменикали, најави дека ова е само почеток на поголеми дискусии: “Мора да разбереме дали бројот на спринтови треба да се зголеми, како да се зголеми и дали треба да пробаме различни формати. Пред нас има сериозни разговори со тимовите”, изјави тој за време на Големата награда на Холандија.
Formula 1 and the @fia have today revealed the six venues set to host F1 Sprint events during the 2026 FIA Formula 1 World Championship season – including three exciting new locations.
In 2026, Shanghai, Miami, Silverstone, Montréal, Zandvoort and Singapore will all host an F1… pic.twitter.com/1aJDcNgvuX
— F1 Media (@F1Media) September 16, 2025
Иако поради новите регулативи во 2026 бројот останува шест, во падокот веќе се шушка дека во 2027 може да станат дури дванаесет. Сепак, Формула 1 тврди дека спринт викендите носат околу 10% поголема гледаност на ТВ, што значи дека интересот на публиката е недвосмислен.
Спринтот во Холандија ќе биде и последниот во Зандворт, откако патеката реши да не го продолжи договорот по 2026 година. Во Сингапур, пак, љубителите на спортот ќе добијат уникатен спектакл на “самрак”, со саботна трка во вечерни услови, пред класичното неделно ноќно шоу.
Не треба да се заборави дека 2026 е година на промени и револуција во Ф1. Новите болиди ќе добиваат половина од моќта од батеријата, а другата половина од одржливо гориво. Спринт трките ќе бидат идеална лабораторија за да се види колку навистина ќе функционира новата ера.