Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер во второто коло од Лигата на шампионите беше на чекор до сензација во Париз, но на крајот францускиот гигант ПСЖ ја искористи деконцентрацијата и грешките во завршницата и славеше со 33-27.
Парижаните го отворија мечот посигурно и брзо изградија водство, кое во 24-та минута изнесуваше 16-11. Но Битолчани не се предадоа, па со серија од пет погодоци во низа стигнаа до израмнување (16-16) и со целосна самодоверба заминаа на пауза.
Продолжението донесе уште поголем подем за “зелено-белите”. Во 38-та минута тие поведоа со 18-21, комплетирајќи фантастична серија од 2-10 во период од 14 минути. Во тие моменти изгледаше дека Пелистер може до голема победа во Париз и вистинска сензација.
How is it possible to save a shot like this? 😳 #ehfcl #clm #handball pic.twitter.com/qejtlPbafO
— EHF Champions League (@ehfcl) September 18, 2025
Сепак, ПСЖ покажа зошто е еден од најсилните клубови во Европа. Успеа да се врати и да ја израмни играта, а резултатот остана неизвесен сè до 52-та минута (27-27). Тогаш следуваше пад на концентрацијата кај македонскиот тим, по што домаќините постигнаа четири брзи гола и на две минути до крај веќе водеа со 31-27.
До крајот “светците” ја потврдија победата со конечни 33-27. Најефикасен кај ПСЖ беше Пранди со 11 погодоци, а кај Пелистер, Дејан Манасков кој постигна пет и Филип Кузмановски со четири погодоци.
Македонскиот тим покажа дека може да се носи и со најдобрите, но она што недостасуваше можеби беше целосна верба дека можат да дојдат до победата. Сепак, ова беше одлично издание на македонскиот шампион, кој иако пропушти историска шанса, во наредните дуели секако дека ќе замине со поголема самодоверба после прикажаната игра вечерва во Париз.
Следниот предизвик за македонскиот првак е дуелот со данскиот ГОГ Гудме, кој ќе се одигра во среда од 20:45 часот во Битола.