27.8 C
Skopje

Халанд до историја, Сити до победа дома против ослабениот Наполи

Објавено:

- Advertisement -
- Advertisement -

Манчестер Сити со моќна игра го совлада Наполи со 2:0 на Етихад во првото коло од Лигата на шампионите. Италијанците уште во првото полувреме останаа со играч помалку, што ја направи задачата премногу тешка за тимот на Антонио Конте.

Клучниот момент се случи во 24-та минута, кога Џовани Ди Лоренцо заработи директен црвен картон по ВАР прегледот. Капитенот на Наполи со опасен старт го удри Ерлинг Халанд, кој излегуваше сам пред голот. Така, наместо емоционално враќање на Кевин Де Брујне на Етихад, кој мораше да биде принудно заменет веднаш потоа, настаните се свртеа во сосема поинаква насока.

До крајот на полувремето Наполи успеа да се одбрани благодарение на фантастичните интервенции на голманот Вања Милинковиќ-Савиќ. Сити имаше дури 16 удари кон голот, но мрежата остана недопрена.

Притисокот сепак даде резултат во 57-та минута. Фил Фоден испрати прецизна топка, а Халанд со ефектен удар со глава конечно го скрши отпорот на гостите. Норвежанецот со овој погодок стигна до неверојатни 50 голови во Лигата на шампионите за само 49 настапи, што е рекорд во историјата на натпреварувањето.

Само неколку минути подоцна, Џереми Доку со свој препознатлив продор низ одбраната ја удвои предноста и го потврди триумфот на “граѓаните”.

Шанса да заигра во елитната Лига на шампионите доби и нашиот Елмас, кој влезе во игра во 69-та минута од натпреварот. Ова е големо искуство за нашиот репрезентативец, кој уште од стартот ја добива довербата на Конте.

Тренерот на Сити, Пеп Гвардиола по мечот истакна дека е задоволен од зрелоста на тимот: “Игравме против одличен противник. Имавме бројчана предност, но и со 11 на 11 игравме одлично. Ова е важна победа и ни носи голема самодоверба пред дуелот со Арсенал”.

Халанд досега има постигнато 130 погодоци за Манчестер Сити на само 151 натпревар, од кои 74 на Етихад. Формата во која се наоѓа, со 12 голови на последните 7 настапи за клубот и репрезентацијата е најдобра увертира за дербито на колото против “топџиите”.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено

SportStation.mk