25.8 C
Skopje

Лига на шампиони: Преглед и сите голови од вчерашниот ден!

Објавено:

- Advertisement -
- Advertisement -

Последниве три дена од Лигата на шампионите беа навистина одличен старт на новата сезона. Возбудливи акции, голови во последните минути, пресврти и нови рекорди. Сè на сè, денови кои најавија дека ќе имаме интересна сезона пред нас.

Првото коло се затвори со вчерашните натпревари, па ајде да направиме еден преглед на последниот ден од првото коло.

Копенхаген 2-2 Баер Леверкузен

Во Копенхаген, домашните двапати поведоа, но Леверкузен успеа да стигне до бод во драматичен финиш. Ларсон го отвори резултатот во 9-та минута, а кога се чинеше дека погодокот на Роберт ќе донесе цел плен за Данците, автоголот на Хаџидиакос во судиското надополнување го постави конечниот резултат од 2-2.

Клуб Бриж 4-1 Монако

Капитенот Ханс Ванакен одигра блескав натпревар и беше во центарот на убедливата победа на белгискиот шампион. Откако Миноле одбрани пенал, Трезолди и Оњедика погодија за брзо водство, а Ванакен пред полувремето зголеми на 3-0. Дебитантот Дијахон во 75-та минута постигна и четврти гол, додека Ансу Фати само го ублажи поразот на Монако во последните моменти.

Манчестер Сити 2-0 Наполи

“Граѓаните” ја започнаа новата сезона со сигурна победа против Наполи. Ди Лоренцо доби црвен картон уште во 21-та минута, а иако Милинковиќ-Савиќ со одлични одбрани ги одржуваше Италијанците во игра, Халанд во 56-та минута со глава стигна до својот 50 погодок во Лигата на шампионите, најбрзо во историјата на натпреварувањето. Само девет минути подоцна Доку ја затвори приказната со втор гол за конечни 2-0.

Ајнтрахт Франкфурт 5-1 Галатасарај

Галатасарај поведе преку Јунус Акгјун, но тоа само ги разбуди домаќините. Сопствен гол на Санчез и погодоците на Узун и Буркард донесоа пресврт уште пред паузата. Буркард со глава и вторпат се запиша во листата на стрелците, а Кнауф во завршницата го заокружи триумфот од 5-1.

Спортинг Лисабон 4-1 Кајрат Алмати

Португалците немаа проблеми на домашен терен. Тринкао беше двоен стрелец, а Сантош и Квенда со брзи голови ја потврдија убедливата победа. Суарез ја погоди и стативата и пречката, додека Кајрат дојде само до почесен гол преку Едмилсон.

Њукасл 1-2 Барселона

На Сент Џејмс Парк историја испиша Маркус Рашфорд, кој стана првиот Англичанец што постигнал погодок за Барселона во Лигата на шампионите. Тој беше херој со два гола, првиот со глава, а вториот со маестрален удар под пречката. Њукасл се врати во игра со погодок на Гордон, но Каталонците издржаа и си заминаа со важни три бода.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено

SportStation.mk