Италијанскиот тенисер Јаник Синер во моментов се наоѓа во Пекинг, каде е главен фаворит за освојување на турнирот, откако ланскиот освојувач на трофејот, Карлос Алкараз, реши да не ја брани титулата таму и наместо тоа да игра на турнирот во Токио.
Ова ќе им даде малку време на двајцата тенисери да здивнат еден од друг после интензивните битки во текот на најголемите турнири сезонава. Последно, Алкараз го победи Синер во финалето на Отвореното првенство во САД, по што му го презеде првото место на АТП листата.
“Во моментов Карлос заслужува да е број 1. Одигра многу турнири и освои многу титули. Толку е едноставно. Тој одигра повеќе турнири и ги одигра многу добро. Ако победува или остварува добри резултати, заслужува да е на првото место”, изјави Синер на прес конференцијата во Пекинг.
Алкараз во моментов има 760 поени водство пред Синер, а двајцата продолжуваат да бидат осамени на врвот, бидејќи третиот на листата, Александер Зверев, заостанува со нешто помалку од 5.000 поени зад Синер.
“Сезоната сè уште не е завршена”, изјави Синер после првата победа во Кина. “Го имаме турнирот тука. Го имаме Шангај, што е многу голем. Го имаме Париз, што исто така е голем. Турин, Дејвис Купот… Сè уште големи турнири се пред нас. Очигледно тие најголемите се зад нас, а тие ги поделивме”.
Синер се наоѓаше на врвот на АТП листата импресивни 65 недели пред лидерската позиција да му ја одземе Алкараз. Италијанецот се најде за прв пат на првото место после Роланд Гарос во 2024 година, кога го презеде од Новак Ѓоковиќ.
“Сè што можам да кажам е дека сум многу задоволен од сезоната која ја одиграв. За рангирањето, доаѓа и си оди, така што останува да видиме”, додаде Синер.