6.8 C
Skopje

Победивме во Чешиново-Облешево, Старо Нагоричане и Карбинци! Спортот е секогаш добар избор!

Објавено:

- Advertisement -
- Advertisement -

Шегата на страна, додека сите денес зборуваат за излезноста на изборите, ние сакавме да зборуваме за “влезноста” на нашата Спортска Станица. Откако две години интензивно се подготвувавме, ова лето излеговме во етерот на спортските новости, сосема скромно без големи очекувања.

Она што особено нè радува е што “влезноста” оттогаш на нашата страна надмина 1 милион прегледи и над 2 милиони интеракции, нешто што и самите нам нè изненади, но и неизмерно многу нè израдува. Па, ја користиме оваа прилика да ви се заблагодариме на сите оние кои ни ја дадовте вашата поддршка уште од самиот почеток. Знаеме дека понекогаш можеби грешиме, понекогаш можеби доцниме, и за тоа секогаш се извинуваме и прифаќаме секаква критика, но секогаш и пред сè ја имаме чистата мисла да создадеме квалитетна содржина која ќе биде вредна за вашето време.

Ние сме мал тим, но со голема љубов кон спортот и желба да создадеме катче кое ќе биде насочено кон промоција на спортот во неговата најчиста форма. Се оградивме и цврсто веруваме дека НЕ ТРЕБА младите да бидат “бомбардирани” од реклами од обложувалници, казина и брзи кредити и дадовме завет дека никогаш нема да ги прифатиме нивните реклами на нашата страна.

И покрај борбата да се успее во такви услови, каде парите се за многумина “слатки” од таквите извори, ние решивме дека тоа е борба која ќе ја тераме до крајот и никогаш нема да ја предадеме.

Она што ни претставува пасија се спортските приказни, оние кои ретко можете да ги прочитате на македонскиот интернет простор, а само тоа што просечната задржаност на нашата Спортска Станица е над 3,5 минути од една сесија ни кажува дека има луѓе кои сакаат да ги читаат и ни дава дополнителна мотивација и понатаму да ви ги раскажуваме.

Сакаме да им се заблагодариме на сите кои нè читаат редовно од Македонија, но и на дијаспората која покажа огромна “влезност”, па имаме редовно посети од Грција, Германија, САД, Хрватска, Австрија, Швајцарија, Словенија, Италија, Србија… А, имавме посети и од Кина, Бургунди, Белгија, Канада, Луксембург, Велика Британија, Гана, Аргентина…

Поради големата “влезност”, која искрено не ја очекувавме толку брзо на стартот, моравме на неколку наврати да направиме пауза поради подобрување на технологијата, миграција на сервери и слично. Но, сите тие прекини беа со цел да се обезбеди подобра услуга за вам, а ветуваме дека како што растеме постојано ќе се трудиме да се подобруваме.

Ви благодариме од срце на сите вистински љубители на спортот што сме вашиот ИЗБОР!

Спортски поздрав,
Тимот на Спортска Станица

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено