На “Сан Сиро” повторно се пее црвено-црна химна. Милан се искачи на врвот на Серија А по тешко изборена победа од 2-1 над Фиорентина, во меч во кој Рафаел Леао ја одигра улогата на херојот со два гола во второто полувреме.
Шансата да се искачат на првото место беше пред нив, а Милан веднаш се обиде да ја искористи. Веќе во четвртата минута, Фикајо Томори имаше златна можност, но наместо да го натера голманот на реакција, ја испрати топката над голот.
“Росонерите” продолжија да притискаат, но првото полувреме заврши без вистински завршен удар, со разочарувачко промашување и од Павловиќ на средината од полувремето.
А потоа следуваше шок. Во 55-тата минута Робин Госенс ја искористи лошата реакција на одбраната и ја затресе мрежата за водство на гостите. Првиот погодок за него оваа сезона и студен туш за навивачите на Милан.
Но, токму тој гол го разбуди џинот. Само осум минути подоцна, Рафаел Леао со прекрасно упатен удар од 25 метри ја погоди долниот десен агол и ја запали трибината за 1-1, и повторно надеж во воздухот.
Rafael Alexandre da Conceição Leão. pic.twitter.com/fcz7TMKUwN
— AC Milan (@acmilan) October 19, 2025
Во 76-тата минута, Сантјаго Хименез беше на чекор до пресврт, но Давид де Хеа извонредно ја одбрани топката под пречката.
Кога веќе изгледаше дека мечот ќе заврши без победник, ВАР донесе пресврт. Пенал за Милан во 85-тата минута. Леао ја презеде одговорноста, го измами Де Хеа и со ладнокрвна изведба го постави конечниот резултат од 2-1.
Со овој триумф Милан повторно е на врвот на Серија А, еден бод пред Интер, а тренерот Стефано Пиоли го одбележа својот 500-ти меч во Серија А со победа што има и симболика дека тимот е жив и повторно верува.