Младиот бисер на Барселона, Ламин Јамал, можеби не ја освои “Златната топка”, но неговата блескава година му донесе место меѓу десетте најплатени фудбалери во светот, според најновата листа на магазинот “Форбс”.
Шпанскиот репрезентативец кој има само 18 години е најмладиот фудбалер во историјата што се наоѓа во оваа елитна група. “Форбс” проценува дека Јамал ќе заработи околу 43 милиони долари оваа сезона, од кои 10 милиони се од спонзорства и комерцијални договори. Со тоа се наоѓа на десеттото место на глобалната ранг-листа.
На врвот и натаму е Кристијано Роналдо, кој со својот договор во Ал Наср ќе инкасира околу 280 милиони долари, убедливо највисока заработка во светот на спортот. Зад него е Лионел Меси со 130 милиони долари, од кои дури 70 милиони доаѓаат од надворешни ангажмани и реклами.
Во првите пет се и Карим Бензема (Ал Итихад, 104 милиони), Килијан Мбапе (Реал Мадрид, 95 милиони) и Ерлинг Халанд (Манчестер Сити, 80 милиони). Според “Форбс”, оваа година просечната возраст на топ 10 фудбалерите е под 30 години, што е првпат по повеќе од пет години.
Покрај Јамал, уште еден нов член на елитното друштво е Џуд Белингем, ѕвездата на Реал Мадрид и англиската репрезентација, кој се наоѓа на деветтото место со 44 милиони долари.
Јамал, кој летово потпиша нов шестгодишен договор со Барселона, ги зголеми и своите спонзорски партнерства по уште една извонредна сезона. Во исто време, неколку ветерани ги напуштија најдобрите десет – Нејмар по прекинот на договорот со Ал Хилал и враќањето во Сантош, како и Кевин де Брујне, кој го напушти Манчестер Сити и премина во Наполи.
Фудбалската мапа на најплатените играчи станува сè помлада и сè поразновидна.


