Дукати и официјално потврди дека Марк Маркез ќе го пропушти остатокот од МотоГП сезоната 2025. Причината е повреда на рамото здобиена на трката во Индонезија, која бара подолго опоравување, од што првично се претпоставуваше.
Одлуката е донесена во Мадрид по дополнителните прегледи, при што медицинскиот тим потврди дека враќањето на патеките пред крајот на годината не е можно. Иако неговото закрепнување е во добар тек, Маркез мора да го имобилизира рамото четири недели пред да започне со физикална терапија.
Со тоа, тој ги пропушта последните две трки во Португалија и Валенсија, како и пост-сезонскиот тест. Новиот седумкратен МотоГП шампион веќе беше заменет од Микеле Пиро на претходните трки, а Дукати наскоро ќе ја објави замената и за финалниот двоен настан.

“Најпаметно е да се почитува времето потребно за целосно заздравување, дури и ако тоа значи дека нема да возам до крајот на сезоната”, изјави Маркез. “Пред нас е зима посветена на напорна работа за да се подготвам 100% за 2026 година. Сепак, не смееме да заборавиме на најважното, повторно сме светски шампиони”.


