Лионел Меси и официјално потпиша нов договор со Интер Мајами, со кој ќе остане дел од клубот до крајот на сезоната 2028 во МЛС. Со тоа, еден од најголемите фудбалери во историјата ќе ја продолжи својата авантура во САД и по својот 40-ти роденден.
Претходниот договор на Меси истекуваше во 2025 година, а првите информации за продолжување беа објавени уште во април. Новиот тригодишен договор значи дека Аргентинецот ќе го предводи клубот и при влегувањето во новиот стадион “Мајами Фридом Парк”, кој треба да биде отворен следната година.
Интер Мајами ја објави веста со видео во кое Меси го потпишува договорот на самото градилиште на новата арена, со кратката, но јасна порака: “Тој е дома”.
HE’S HOME. pic.twitter.com/AUMJJYR5pF
— Inter Miami CF (@InterMiamiCF) October 23, 2025
“Навистина сум среќен што останувам тука и што го продолжувам овој проект кој, покрај тоа што е сон, стана и прекрасна реалност – да играм на стадионот Мајами Фридом Парк. Откако пристигнав во Мајами, се чувствувам одлично, и навистина сум радосен што ќе продолжам овде”, изјави Меси.
“Сите сме возбудени поради моментот кога конечно ќе играме на новиот стадион. Ќе биде нешто многу посебно, да се чувствуваме како дома, во навистина спектакуларен амбиент”.
Меси пристигна во Интер Мајами во јули 2023 година, по заминувањето од Пари Сен Жермен, во трансфер кој ја промени историјата на клубот и на целата лига.
Сопственикот на клубот, Хорхе Мас, кој ги водеше преговорите, изјави дека одлуката била “цело време во рацете на Лео”.
“Му ветивме на нашиот град и на нашите навивачи дека ќе сонуваме големо. Со овој договор, Меси и Мајами ја продолжуваат таа приказна. Ќе градиме и ќе сонуваме заедно”, изјави Мас.

Меси досега има 71 гол и 37 асистенции на 82 настапи за клубот во сите натпреварувања. Во првата сезона го освои Купот на лигата, а следната година Интер Мајами ја заврши како најдобар тим во регуларниот дел и го освои “Supporters’ Shield”, со што се квалификуваше за Светското клупско првенство.
Во сезоната 2024 Меси беше избран за најдобар играч во МЛС со 21 гол во 22 настапи во лигата. Оваа сезона има 37 голови и 19 асистенции на 43 натпревари, а Интер Мајами го заврши регуларниот дел како трет во Источната конференција.
Неговиот долгогодишен соиграч Луис Суарез има договор до крајот на 2025, додека Бускетс и Алба најавија повлекување по завршување на тековната сезона.
Ко-сопственикот на клубот, Дејвид Бекам, истакна:
“Нашата визија беше да го донесеме најдобриот фудбалер во историјата во Мајами и тоа го направивме. Меси не само што ја претставува нашата посветеност кон клубот и градот, туку и љубовта кон играта. Тој сè уште е гладен за победи и продолжува да ја инспирира новата генерација фудбалери”.
📸 David Beckham’s mother with Lionel Messi at Inter Miami training today 🤩❤️ pic.twitter.com/8qJu8hOSFv
— Inter Miami News Hub (@Intermiamicfhub) October 22, 2025


