БОМБА ОД АПЕНИНИТЕ: Гатузо е новиот селектор, но дали “Рино” е лекот за болниот италијански фудбал?
Италијанската фудбалска федерација (FIGC) го потврди она што се шпекулираше – Џенаро “Рино” Гатузо е новиот селектор на “Аѕурите”! Легендарниот борец доаѓа на местото на Лучијано Спалети, кој доби отказ по катастрофалниот пораз од Норвешка (3:0) во квалификациите за Светското првенство, пораз што го вклучи алармот дека четирикратниот светски првак е на работ на трет последователен мундијалски срам.
Но, додека Серија А покажува знаци на живот и полека се враќа во врвот на европскиот фудбал, со клубови кои редовно играат во завршниците на европските купови, репрезентацијата тоне во незапаметена криза. Што тргна наопаку?
Проблемот е длабок и системски. Италија, која некогаш беше фабрика за фудбалски мајстори, денес се соочува со алармантен недостаток на врвни таленти. Деновите на легендите како Тоти, Дел Пјеро и Пирло се минато, а новата генерација едноставно го нема тој квалитет. Клубовите, опседнати со брзи резултати, сè помалку им веруваат на младите италијански играчи, а академиите се претворија во бизнис, наместо во центри за развој. Ова создаде парадокс – силна лига, но слаба репрезентација.
Gennaro Gattuso is the new First Team Head Coach 🇮🇹
Welcome back, Rino 👊#Azzurri #VivoAzzurro pic.twitter.com/H6oQZWJcca— Italy ⭐️⭐️⭐️⭐️ (@Azzurri_En) June 15, 2025
Во ваква ситуација, именувањето на Гатузо изгледа како очајнички потег. Неговиот стручен штаб можеби ќе биде засилен со имиња како Барѕаљи и Бонучи, но неговата тренерска биографија не ветува револуција. Федерацијата го избра поради неговиот карактер, страст и борбеност – квалитети кои треба да го разбудат тимот. Но, дали само “гринта” е доволна?
Италија е на колена, а сеќавањата на болниот пех и елиминацијата од Македонија во Палермо сè уште се свежи. Гатузо ја презема одговорноста да спречи историски дебакл. Прашањето е дали неговиот темперамент е само привремен лек за симптомите, додека болеста што го нагризува италијанскиот фудбал останува нерешена. Времето ќе покаже дали “Рино” е спасител или само уште една жртва на системот што пропаѓа.


