Возбудливо коло во Премиерлигата, од мајсторски волеј на Езе, до падот на Манчестер Сити и нов триумф на непобедливиот Тотенхем. Лидерите се менуваат, големи имиња паѓаат, а тимовите од вториот ешалон покажуваат дека сезонава нема сигурни поени за никого.
Сè појасно е дека оваа сезона на Премиер лигата нема да дозволи ниту момент здив. Арсенал изгледа стабилно, неверојатната серија на Халанд беше прекината, а Тотенхем и Борнмут се новите сензации. На дното се Вулвс во криза без излез.
Погледнете го прегледот на денешниот ден во Премиер лигата.
Арсенал 1–0 Кристал Палас
Езе го реши поранешниот клуб и ги однесе “топџиите” четири бода напред
На “Емиратите” повторно се славеше. Еберечи Езе со првиот свој гол во дресот на Арсенал ја реши пресметката против поранешниот тим Кристал Палас. Во натпревар со малку шанси, токму Езе ја покажа класата со волеј по мешаница во шеснаесеттникот.
Габриел беше вистински ѕвер во одбраната и постојана опасност при прекини, погодувајќи дури и статива. Палас немаше сили да одговори, а Арсенал сега има четири бода предност на врвот и изгледа стабилно на патот кон титулата.
Евертон 0–3 Тотенхем
“Спарс” со три голови со глава, прва победа на “Гудисон” по седум години
Тотенхем доминираше во Ливерпул и славеше убедливо со 0:3 против Евертон. Херој на мечот беше Мики ван де Вен, кој постигна два гола со глава, нешто што самиот го нарече “лудо и неверојатно чувство”.
Ова беше првпат по 2008 година “Спарси” да постигнат три голови со глава во еден Премиерлигашки меч. Екипата на Томас Франк останува непоразена на гостувања и се искачи на третото место на табелата.
Борнмут 2–0 Нотингем Форест
Таверниер директно од корнер, Крупи повторно во листата, Борнмут се сега втори!
Феноменален старт на сезоната за Борнмут! Со рутинска победа од 2:0 против Нотингем Форест, тимот на Андони Ираола се искачи на второто место на табелата, што е нивен најдобар старт во историјата на Премиер лигата.
Таверниер го отвори мечот со “олимпико” гол директно од корнер, прв таков во сезоната, а Ели Крупи продолжи со формата и погоди трет меч по ред. Форест под новиот тренер Шон Дајш делуваше без идеја и остана во опасната зона со само пет бода.
Астон Вила 1–0 Манчестер Сити
Мати Кеш ја прекина серијата на Гвардиола, Сити без идеја во Бирмингем
Голем шок за гостите на “Вила Парк”. Манчестер Сити ја заврши својата деветмечна непоразена серија со пораз од 1:0. Единствениот гол го постигна Мати Кеш по извежбан корнер, додека Халанд ја имаше најдобрата шанса, но не успеа да реализира.
Вила одигра дисциплинирано, со цврста одбрана и совршен план на Унаи Емери, кој донесе четврта последователна победа. Со триумфот, Вила скокна на седмото место, а Сити падна на четвртото, шест бода зад лидерот Арсенал.
Вулвс 2–3 Барнли
Фостер во 95-та минута за нова драма и нова болка за Вулвс
На “Молинју” се одигра вистински трилер. Барнли ја искористи последната шанса и со гол на Лајл Фостер во 95-та минута победи со 2:3.
Гостите водеа 0:2 по два гола на Зиан Флеминг, но Вулвс се вратија со пенал на Ларсен и погодок на Мунеци. Сепак, во последните секунди резервистите Мејбри и Фостер ја казнија домашната одбрана. Вулвс остануваат без победа, заковани на дното со само два бода, додека Барнли се одлепи пет бода над зоната на испаѓање.


