10.8 C
Skopje

Досие Спортска Станица: Милан Илоски – Америка му спрема повик, а Милевски бара “континуитет”!?

Објавено:

Нашата анализа за потенцијални репрезентативци продолжува со име кое предизвикува огромно внимание “преку барата”, но кое во Македонија сè уште е предмет на дебата. Во второто издание на “Досие SportStation”, го ставаме под лупа Милан Илоски – човекот кој со своите “страшно добри” бројки ја тресе МЛС лигата и за кого часовникот отчукува, бидејќи повикот од САД е сè поизвесен.

Додека кај нас се води полемика, Илоски синоќа беше херој за својот тим, Филаделфија Унион, во драматичниот плејоф натпревар против Чикаго Фајр. Натпреварот заврши 2-2, а токму 26-годишниот напаѓач со македонско потекло беше човекот кој го постигна голот за израмнување во 75. минута, а потоа беше и клучен во пенал-рулетот, реализирајќи го својот удар и носејќи му пласман на својот тим во следната рунда.

Но, овој настап не е исклучок, туку правило за Илоски оваа сезона. Неговите бројки се застрашувачки добри, особено ако се земе предвид дека често игра и на крилните позиции, а не само како класичен напаѓач.

Ајде да ја погледнеме неговата статистика во 2025 година, комбинирано за Сан Диего (каде беше на позајмица) и Филаделфија:

  • Настапи (вкупно): 27
  • Голови: 14
  • Асистенции: 5

На 27 натпревариМилан Илоски има директен придонес во 19 гола. Тоа е статистика на играч во врвна форма, кој носи разлика на теренот. Иако МЛС лигата не е во топ 5 лигите во Европа, таа е сè посилна, поконкурентна и апсолутно респектабилна.

Тука доаѓаме до клучниот момент. Во август, селекторот Благоја Милевски даде изјава која многумина ја протолкуваа како “спуштање на топката”: “Илоски има потенцијал, контактиран е, но потребно е да се стабилизира на едно место и да покаже квалитет во континуитет, па тогаш повторно ќе разговараме”, изјави Милевски.

Со сета почит кон селекторот, ние не се согласуваме. Милан Илоски веќе го покажува квалитетот во континуитет. Неговата форма не е блесок, туку тренд. Да се чека повеќе е огромен ризик, бидејќи тој е роден во Калифорнија и поседува американско државјанство. Со вакви партии, само прашање на време е кога ќе пристигне повик од селекторот на САД. Ако Македонија не реагира брзо, можеме да изгубиме напаѓач каков што со години баравме.

Нашиот став е јасен: Милан Илоски треба веднаш да биде контактиран, да му се презентира планот и да се донесе во Скопје за да ја почувствува атмосферата. Треба да му се покаже дека е посакуван и дека е клучен дел од иднината на македонскиот фудбал. Во спротивно, ризикуваме друг да ја искористи нашата неодлучност.

Кој е вашиот став? Продолжете да ни ги испраќате вашите предлози!


Ве повикуваме да ни ги испраќате вашите предлози и мислења на нашата е-маил адреса contact@sportstation.mk или на социјалните мрежи.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено