Остин Ривс ја продолжи својата неверојатна серија и ги спаси ЛА Лејкерс од нов пораз. Со прецизен шут во последната секунда, 26-годишниот бек донесе победа од 116-115 против Минесота Тимбервулвс, во меч полн со пресврти и емоции.
Лејкерс имаа плус 20 во третата четвртина и изгледаа како сигурни победници, но серијата од 14-2 на Вулвс во завршницата го сврте мечот наопаку. Џулиус Рендл го донесе водството за Минесота со само 10 секунди до крајот, но тогаш Ривс зеде сè во свои раце. Продор, кросовер, флоутер од 12 стапки… и тишина во арената пред топката да ја најде мрежата.
“Мислам дека сите знаевме дека тоа беше крај на мечот”, изјави неговиот соиграч Далтон Кнект, додека остатокот од тимот влетуваше на терен да го прегрне херојот на вечерта.
Ривс натпреварот го заврши со 28 поени и 16 асистенции, израмнувајќи го својот кариерен рекорд. Џејк ЛаРавиа додаде 27 поени (10/11 од игра), а Деандре Ејтон забележа дабл-дабл со 17 поени и 10 скокови.
Интересно, Лејкерс беа без четворица од своите главни носители, Леброн Џејмс, Лука Дончиќ, Маркус Смарт и Гејб Винсент, но Ривс уште еднаш покажа дека може да ја преземе лидерската улога.
“Не знам во која ‘категорија’ припаѓа, но знам дека е вистински воин”, изјави тренерот Џ.Џ. Редик по мечот.
Со оваа партија, Ривс стана првиот играч на Лејкерс по Коби Брајант што започнал сезона со пет последователни натпревари над 25 поени. Само што овојпат, неговата приказна не е за ѕвезда родена во Холивуд, туку за едно момче од Арканзас кој го живее својот сон.
Следно за Лејкерс е гостувањето во Мемфис во петок.


