12.8 C
Skopje

Од Наполи до Јувентус: Човекот со тетоважа на ривалот седнува на клупата во Торино

Објавено:

Италијанскиот фудбал повторно доби приказна што ќе се раскажува со години. Лучано Спалети, човекот кој ја врати титулата во Неапол по цели 33 години и кој на својата рака го истетовира грбот на Наполи, од денес е нов тренер на Јувентус.

Од чудо со Наполи, до шок со Јувентус. Потег кој ја разбуди Серија А, а најмногу ги подели навивачите. Само една година откако вети дека повеќе нема да седи на клупа во Италија, 66-годишниот стратег повторно е во центарот на вниманието, овој пат во Торино.

Спалети доаѓа како замена за Игор Тудор, кој беше отпуштен по слабите резултати и бледата игра на “Старата дама”. Договорот му е до крајот на сезоната, а целта е јасна – враќање на победничките патеки на Јувентус во Лигата на шампионите и Серија А, во обид за ново поглавје во историјата на клубот кој последниве години изгуби дел од својот идентитет.

Симболиката не можеше да биде поголема, Спалети повторно се враќа на клупа токму на роденденот на Диего Марадона, најголемиот херој на Неапол. Иронија или судбина, човекот што ја донесе славата во градот на Марадона сега ќе ја бара истата во клубот кој со години беше негова спротивност.

Навивачите на Јувентус веднаш изреагираа на новоста, барајќи од Спалети да ја избрише тетоважата од нивниот ривал на раката, а многумина од нив се сомневаат во неговата посветеност на нивниот клуб. Други пак, се спремни да прогледаат на таквите работи, поддржувајќи го да се обиде да го повтори успехот од Наполи во Торино.

Јувентус, оптоварен со финансиски загуби, скандали и казни, е во потрага по нов почеток. Минатата сезона беше обележана со порази, тензии и дури и казна од 10 бодови, што го оддалечи тимот од врвот на табелата. Сега, клубот му ја доверува судбината на тренер кој знае како се освојува титула, но кој до вчера беше симбол на нивниот ривал.

Прв предизвик за Спалети ќе биде дуелот со Кремонезе, изненадувањето на сезоната, само еден бод зад Јувентус по девет кола. Фудбалска Италија веќе чека да види: дали човекот со тетоважа на Наполи ќе може да ја оживее “Старата дама”?

Извор: https://x.com/juventusfc

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено