18.8 C
Skopje

(Видео) Два гола за Халанд и искачување на Манчестер Сити на второто место!

Објавено:

Ерлинг Халанд повторно ја пронајде мрежата – и тоа двапати, за да го врати Манчестер Сити на победнички пат и на второто место во Премиерлигата со триумф од 3-1 над Борнмут на „Етихад“.

По поразот од Астон Вила минатиот викенд, со кој ја прекинаа серијата од десет натпревари без пораз, тимот на Пеп Гвардиола одговори на вистински начин со голови, самодоверба и позната ефикасност.

Борнмут дури и поведе по само 46 секунди преку Ели Жуниор Крупи, но голот беше поништен поради офсајд. Веќе во 17-та минута, Сити ја презеде контролата: Рајан Черки со мајсторски пас го најде Халанд, а Норвежанецот сигурно погоди за 1-0.

Осум минути подоцна, гостите израмнија преку Тајлер Адамс кој реагираше најбрзо по неуспешното боксување на Џанлуиџи Донарума и го постигна својот прв гол во англискиот фудбал. Но, Сити има нешто што Борнемут нема, а тоа е “машината за голови”.

Во 37-та минута, повторно Черки – Халанд комбинација, и повторно ладнокрвен завршеток. Втор гол за Скандинавецот, 13-ти во лигата оваа сезона, 26-ти во сите натпреварувања.

Во второто полувреме, Халанд можеше и до хет-трик, но Џорџи Петровиќ му го одбрани обидот, а неколку минути подоцна Нико О’Рајли стави точка со прецизен удар по асистенција од Фил Фоден, кој го одигра својот 200-ти натпревар во Премиерлигата.

Со овој триумф, Сити останува непоразен против Борнмут на „Етихад“ со девет победи во девет меча, и сега е само шест бода зад лидерот Арсенал.

Халанд стана само третиот играч во историјата на Премиер лигата кој постигнал два или повеќе голови на четири последователни домашни натпревари, приклучувајќи им се на легендите Роби Фаулер и Луис Суарез.

Гвардиола по мечот ја пофали енергијата и одговорот на својот тим: „Покажавме карактер. По поразот во Бирмингем требаше да реагираме и реагиравме на најдобар можен начин”.

Извор: https://x.com/ManCity

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено