Од Милвоки до Лос Анџелес, синоќа во НБА лигата видовме спектакуларна ноќ исполнета со драма, блескави индивидуални настапи и неколку шокантни пресврти.
Јокиќ во своја лига: 34 поени и мајсторска вечер
Во Денвер, Никола Јокиќ ја презеде сцената со 34 поени и 14 асистенции, скор што е негов личен рекорд сезонава, водeјќи ги Нагетс до победа над Сакраменто (130-124).
Арон Гордон додаде 20 поени, а српскиот центар уште еднаш покажа зошто е најкомплетниот играч во лигата. Кај Кингс, Расел Вестбрук запиша 26 поени и 12 скока во своето враќање против поранешниот тим.
Јокиќ, како и секогаш скромен по натпреварот, изјави за локалните медиуми дека „секој меч е различна приказна“, но дека тимската хемија е клучот:
„Не е важно кој ќе даде повеќе поени. Важно е да се најде вистинската игра во вистински момент. Ние играме заедно, и тоа е нашата најголема сила“.
Лејкерс со девет играчи, но со срце
И без Лука Дончиќ и Остин Ривс, ЛА Лејкерс пронајдоа херои во Деандре Ејтон (29 поени, 10 скока) и Руи Хачимура (28 поени). Ова беше четврти меч сезонава кој го пропушта Дончиќ поради повреда, а овој пат станува збор на левата нога. Во меѓувреме, новата ѕвезда на тимот, Ривс, отсуствуваше поради болка во пределот на препоните, со која се здобил за време на натпреварот со Мајами Хит.
Младинецот Ник Смит Џуниор блесна со 25 поени и пет тројки во триумфот над Портланд (123-115). Кај домаќините, Дени Авдија постигна 33 поени, но тоа не беше доволно да се продолжи победничката серија.
Антетокумбо го спаси Милвоки со звукот на сирената
Јанис Антетокумбо ја продолжи својата МВП форма со 33 поени и 13 скока, но најважниот момент дојде на самиот крај, кога со шут со звукот на сирената ја донесе победата од 117-115 над Индијана Пејсерс.
Покрај него, Кајл Кузма уфрли 15 поени, а Милвоки ја запиша третата победа во последните четири натпревари. Кај домаќините, Паскал Сијакам заврши со 32 поени и 8 асистенции, но тоа не беше доволно за да се избегне уште еден пораз на крајот од неизвесен меч.
Рендл со трипл-дабл, Минесота го потопи Бруклин
Џулиус Рендл запиша трипл-дабл (19 поени, 11 скока, 10 асистенции), а Донте ДиВинченцо блесна со 25 поени за сигурна победа на Минесота Тимбервулвс над Бруклин Нетс (125-109).
Нетс, кои сè уште немаат победа оваа сезона (0-7), и покрај 25 поени на Кем Томас, повторно потонаа во последната четвртина.
Шок во Бостон: Нуркиќ ја донесе победата на Јута
Во меч со драматична завршница, Јусуф Нуркиќ погоди со 0.6 секунди до крајот и ја донесе Јута Џез до победа над Бостон (105-103).
Џејлен Браун постигна 36 поени, но промаши девет тројки и направи офанзивен фаул во последните секунди што ги чинеше „Селтикс“ победа.
Детроит со трета победа во низа
Кејд Канингем беше незапирлив со 33 поени (19 во последната четвртина), а Пистонс славеа во Мемфис со 114-106. Исaија Стјуарт придонесе со 26 поени и 14 скока.
Кај Гризлис, Џа Морант се врати по суспензијата со дабл-дабл (18 поени, 10 асистенции), но тоа не беше доволно.


