9.8 C
Skopje

(Видео) Баерн Минхен со играч помалку на сред Париз му го нанесоа првиот пораз на ПСЖ!

Објавено:

Ако постоеја сомнежи за извонредниот старт на сезоната за тимот на Компани кај оние кои го критикуваат нивото во Бундеслигата, тогаш после доминантниот настап на сред Париз, со играч помалку за Баерн Минхен, замолкнаа и најгласните.

Неверојатната низа од 16 од 16 победи на машинеријата од Минхен продолжи и во Лигата на шампионите и тоа против актуелниот шампион на „Паркот на принцовите“.

ПСЖ не можеше да се доближи до формата на расположените гости, па на крајот максимум што можеа да сторат беше ублажување на поразот од 1-2, со што го доживеаја својот прв пораз во Лигата на шампионите сезонава.

Дијаз: двоен херој и трагичар на вечерта

Баварската машинерија влезе во мечот со пеколно темпо и висок пресинг што ги натера домашните да грешат уште од самиот старт. Веќе во четвртата минута, Колумбиецот Луис Дијаз ја отвори голеадата, погодувајќи по прецизна акција од левата страна и носејќи им водство на гостите.

ПСЖ се обиде брзо да возврати преку Усман Дембеле, но неговиот погодок беше поништен поради офсајд. Наместо реакција, следуваше нов удар во 32-та минута. Домашниот капитен Маркињос направи кардинална грешка во изнесувањето на топката, а Дијаз тоа го казни без милост за 0-2 за Баерн и потполна тишина на трибините.

Но, херојот стана трагичар во самиот финиш на првото полувреме. По еден остар старт врз Ашраф Хакими, ВАР интервенцијата резултираше со директен црвен картон за Дијаз, кој мораше да се упати порано кон соблекувалната. До тогаш, ПСЖ веќе беше ослабен и поради повредата на Дембеле, заменет со Ли Канг Ин.

Извор: https://x.com/FCBayernEN

Баерн издржа! Нојер како бедем, ПСЖ без идеја

Иако со човек помалку, Баерн го започна вториот дел со гранитна дефанзива. ПСЖ притискаше, но нападите на „светците“ беа премногу бавни и предвидливи, а Мануел Нојер повторно ја потврди својата класа со неколку клучни интервенции.

Домашните сепак успеаја да ја вратат надежта во 74-та минута, кога Жоао Невеш намали на 1-2 со убав удар по асистенција на Ли Канг Ин. Публиката во Париз заживеа, но тоа беше само краткотрајна искра. Неколку минути подоцна, младата ѕвезда Заир-Емери имаше шанса за израмнување, но Нојер повторно беше непремостлив.

До крајот, ПСЖ притискаше, Невеш и Ли создадоа уште две полушанси, но Баерн одолеваше со ред, дисциплина и искуство. Со звучниот свиреж, падна шампионот и тоа на свој терен.

Извор: https://x.com/FCBayernEN

16 од 16: Машинеријата не запира!

Со оваа победа, Баерн не само што му го нанесе првиот пораз на ПСЖ во Лигата на шампионите сезонава, туку и ја потврди својата неверојатна форма. Тимот на Компани сега има 12 бодови, колку и Арсенал, но со поимпресивна гол-разлика и ментална сила што ја воодушеви Европа.

Луис Дијаз ја одигра вечерта со најизмешани емоции во својата кариера, најпрво со двата гола, па црвениот картон, но неговите удари беа доволни за уште една историска ноќ за Баерн Минхен.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено