Чикаго Булс 113–111 Филаделфија 76ерс
Никола Вучевиќ беше херој на вечерта во Чикаго. Со тројка од агол на само 3,2 секунди до крајот, му донесе неверојатна победа на Булс против Филаделфија. Домаќините се вратија од минус 24 поени, за да ја запишат најдраматичната победа досега оваа сезона.
Џош Гиди беше феноменален со 29 поени, 15 скока и 12 асистенции, што е и негов втор последователен трипл-дабл и првпат некој играч на Чикаго да го направи тоа по Мајкл Џордан во 1989 година. Вучевиќ додаде 19 поени и 10 скока, а Исак Окоро 16.
Филаделфија ја имаа контролата во првите три четвртини во кои Тајрис Мекси постигна 39 поени со шест тројки, додека Џоел Ембид заврши со 20. Но гостите ги промашија последните 11 шутеви и постигнаа само 36 поени во вториот дел, дозволувајќи му на Чикаго да ја заврши сензацијата.
Оклохома Сити Тандер 126–107 Лос Анџелес Клиперс
Оклахома ја продолжува својата неверојатна серија со осма победа во осум натпревари! Шеј Гилџес-Александер предводеше со 30 поени и 12 скока против својот поранешен тим, а Ајзеа Џо додаде 22.
Клиперс беа без Кавај Ленард и Бредли Бил, а Џејмс Харден со 25 поени не можеше да спречи уште еден пораз на домашен паркет, втор по ред.
Торонто Репторс 128–100 Милвоки Бакс
Репторс одиграа убедливо и стигнаа до трета последователна победа. Р.Џ.Барет и Скоти Барнс постигнаа по 23 поени, додека Куикли и Мамукелашвили придонесоа со по 15.
Торонто го имаше најголемиот триумф оваа сезона, победувајќи со 28 поени разлика. Кај Милвоки, Јанис Антетокумпо имаше 22 поени и 8 скока, а Кајл Кузма додаде 18, но гостите делуваа исцрпено по драматичниот меч со Индијана претходната вечер.
Атланта Хоукс 127–112 Орландо Меџик
Младата сензација Закари Рисашер запиша 21 поен, Никеил Александер-Вокер 20, а Атланта го совлада Орландо вторпат оваа сезона.
Хоукс погодија 55% од обидите, а петмина играчи завршија со двоцифрен број поени. Кај Меџик, Паоло Банкеро беше најдобар со 22 поени, 11 скока и 8 асистенции, но не успеа да ја спречи четвртата победа на Атланта во последните пет натпревари.
Њу Орлеанс Пеликанс 116–112 Шарлот Хорнетс
По шест последователни порази, Пеликанс конечно славеа и тоа со пресврт во последните минути. Треј Марфи постигна 21 поен, а Хозе Алварадо со тројка на 16 секунди до крајот ја донесе првата победа на својот тим.
Без повредениот Зион Вилијамсон, клупата на Пеликанс одигра клучна улога, а Алварадо, Беј и Квин комбинираа за 62 поени. Кај Шарлот, Мајлс Бриџис имаше 22 поени, а новакот Кон Кнеупел блесна со 20 поени и 12 скока.
Голден Стејт Вориорс 118–107 Феникс Санс
Стеф Кари повторно беше маестрален со 28 поени со пет тројки, предводејќи го Голден Стејт до победа над Феникс и одржувајќи го совршениот домашен биланс.
Моузес Муди изненади со 24 поени од клупата, а Подзиемски и Хилд додадоа по двоцифрен број поени. Кај Санс, Девин Букер беше незадржлив со 38 поени, но немаше доволно поддршка, а тимот повторно настапи без повредените Дилон Брукс и Џејлен Грин.
Погледнете ги најдобрите моменти од вечерта:



