Челси мораше да се задоволи со бод на гостувањето кај храбриот Карабах (2:2) во Азербејџан, во натпревар исполнет со пресврти, младински рекорди и драматичен финиш.
Тимот на Енцо Мареска поведе рано преку чудото од Бразил, Естевао, кој со својата техника и ладнокрвност уште еднаш потсети зошто е највозбудливиот тинејџер во Европа. Но потоа дојде падот. Карабах ја искористи секоја грешка, прво преку Андраде, па потоа и Јанковиќ од белата точка за целосен пресврт до полувремето.
Проблемите за гостите започнаа уште во осмата минута, кога Ромео Лавија мораше да излезе поради повреда. Плановите на Мареска се распаднаа, а на теренот мораше порано од планираното да влезе Каиседо, заедно со уште тројца од „новата генерација“ на Челси.
Но второто полувреме ја раскажа вистинската приказна. Од клупата се појави Алехандро Гарначо, и за неколку минути го запали теренот. По една среќна одбиена топка, ја затресе мрежата на Карабах и го донесе израмнувањето со првиот негов гол во Лигата на шампионите со дресот на Челси, и историски момент: првиот играч што има голови за два различни англиски клуба во ова натпреварување пред да наполни 22 години.
По голот, темпото се вжешти. Енцо Фернандез и Буоаноте имаа шанси за целосен пресврт, но херојот на домаќините беше голманот Кохалски, кој со неколку спектакуларни интервенции го спаси бодот за Карабах.
Во самиот финиш и домаќините имаа златна прилика, Кашчук излезе сам пред Санчез, но шутираше право во него. Неколку секунди подоцна, Гарначо можеше да донесе триумф, но неговиот удар беше блокиран.
Во другиот натпревар од отворањето на денешниот ден, Пафос славеше над Виљареал со 1:0, со голот на Дерик Лукансен во самата завршница на првото полувреме.



