Сапуницата околу статусот на Марк-Андре тер Штеген доби нова, овојпат ултимативна епизода. Германскиот селектор Јулијан Нагелсман испрати јасна порака до голманот на Барселона: „Најди си клуб и брани, или нема Светско првенство“.
Тер Штеген, кој се враќа по повредата, ја изгуби почетната позиција во Барселона од Жоан Гарсија. Нагелсман сега отворено стравува за неговата форма пред Мундијалот.
На последната прес-конференција, селекторот беше директен.
„Зборувавме минатата недела, тој е добро и тоа е најважно. Но, зимскиот пазар никогаш не е лесен“, изјави Нагелсман.
„За него е важно да игра. Не е веќе 22-годишник. Не е пресудно дали ќе биде врвен европски клуб или не, првата работа е да биде на терен и да брани. Секако, би било добро и да брани добро“.
Нагелсман јасно стави до знаење дека неговиот статус како „прв голман“ на Германија е сериозно загрозен ако остане на клупата во Барселона.
„Јасно е дека сега мора да се појави некој клуб кој, очигледно, не е задоволен од својот голман во зима. Верувам дека некој ќе го ангажира, бидејќи Марк е многу добар голман и сега е здрав. Ќе видиме, јас не можам да влијаам на тоа“, додаде Нагелсман.
Селекторот ја заврши изјавата со јасен ултиматум:
„Сите сме среќни што е здрав и се надеваме дека ќе стане стартер во некој клуб, па ќе продолжиме со планот. Ако не биде така, ќе мораме да продолжиме да размислуваме за таа толку дискутирана тема, голманската позиција“.
Во германската јавност, фановите веќе се прашуваат зошто Нагелсман е толку „пеколно фокусиран“ на Тер Штеген, кога голманот е долго време повреден, надвор од форма и сега е резерва.
„Што точно направил Тер Штеген за да заслужи толку трпение?“, е еден од коментарите, додека други веќе го повикуваат Оливер Бауман (Хофенхајм) како прв избор.
Сепак, најкомичниот коментар ја сумираше целата ситуација: „Само чекам Ноер да се врати од пензија само за да спречи Тер Штеген некогаш да започне голем турнир за Германија“.



