Во отсуство на вистински фудбалски вести, кога клупските натпреварувања мируваат, а репрезентациите се собираат, таблоидните медиуми ширум светот (а за жал и кај нас) вклучуваат „автопилот“. Тоа е периодот познат како „сезона на кисели краставички“, кога се пласираат приказни кои немаат додирна точка со реалноста, само за да се пополни програмата и да се соберат евтини кликови.
Ние во Спортска Станица одбиваме да го следиме тој тренд на слепо информирање без филтер. Шпекулациите се дел од фудбалот и се неопходни кога имаат основа, но кога се работи за чиста научна фантастика, наша должност е да ја вклучиме логиката.
Што тврдат Англичаните?
Лавината ја покрена “угледниот” The Guardian, кој денеска објави „ексклузива“ дека Барселона го направила Хари Кејн своја главна цел за замена на Роберт Левандовски.
Според нив, Барселона гледа на 32-годишниот капитен на Англија како идеална замена за 37-годишниот Полјак и е подготвена да ја активира наводната клаузула од 57 милиони фунти следното лето.
Зошто ова е (речиси) невозможно?
Ако ја анализираме ситуацијата ладнокрвно, шансите за овој трансфер се граничат со 0%. Еве зошто:
1. Финансиската реалност на Барселона Барселона последниве неколку години преживува вистинска голгота со финансискиот фер-плеј. Секој преоден рок е борба за регистрација на веќе потпишаните играчи, а не пак за ангажман на суперѕвезда со астрономска плата. Да се потсетиме, тие одвај успеаја да го донесат Маркус Рашфорд и тоа на ПОЗАЈМИЦА минатото лето. Да се зборува за купување на Кејн во ваква ситуација е економски неписмено.
2. Кејн ја игра сезоната на животот Хари Кејн не е само среќен во Минхен, тој доминира. Со 108 гола на 113 натпревари, тој руши рекорди и игра за еден од Топ 5 најстабилните клубови во светот. Зошто би напуштил совршено подмачкана германска машина за да влезе во финансиската неизвесност на Каталонија?
3. Факторот „Дома“ Дури и Кејн да одлучи да си оди (што тој самиот изјави дека е отворен да остане и по 2027), во неколку интервјуа има нагласено дека му недостасува Премиер лигата. Ако некогаш го напушти Баерн, Англија е единствената логична дестинација, не Шпанија.
Лапорта и „Реалноста“
Самиот претседател на Барселона, Жоан Лапорта, вчера даде најдобар одговор за ваквите „соништа“, коментирајќи ги сличните гласини за враќањето на Меси.
„Шпекулирањето за негово враќање како играч не е реално. Од почит кон Меси, нашите играчи и членовите, не е време да шпекулираме со нереални сценарија“.
Ако враќањето на најголемата легенда на клубот е „нереално сценарио“, тогаш купувањето на потенцијално најскапо платениот напаѓач на светот е чиста фантазија.
Затоа, следниот пат кога ќе прочитате ваква „бомба“ за време на репрезентативна пауза, земете ја со огромна резерва.



