Гостинска статија на Бојан
Напредокот на технологијата е евидентен во секое поле на живеење и секоја индустрија. Едноставно не може да се замисли ни еден час, а не па ден без користење на паметен телефон, компјутер, интернет или некоја машина. Па спортот се разбира не е имун на сето тоа, а поточно е да се каже дека доби премногу од користење на технологија од различни аспекти и различни делови во самата спортска индустрија.
Еден од најмодерните и најсовремени примени е користењето на аналитиката со цел подобрување на целокупниот успех. Од процесот на скаутинг, до одржување на фитнес нивото на играчите, па сè до прогнози на натпреварите.
Процесот на некој базичен и примитивен аналитички пристап постои од многу одамна, но почнува со популаризација во 60-те години, а особено во крајот на 70-те преку Бил Џејмс и неговиот пристап во бејзболот.
Но, најголемиот бум и експанзија започнува во раните 2000ти со „Moneyball“, книга во која се објаснува пристапот на Бил Бин во неговата работа со Окланд Атлетикс каде што успева преку аналитичен пристап да дојде до формирање на квалитетен и компетентен тим врз основа на овие анализи, иако клубот беше со мал буџет, но се бараа играчи кои беа потценети на пазарот од аспект на нивната вредност. Ааналитиката покажа дека нивниот квалитет во допринос за победа е доста поголем, а исто така им помогна и во играта против поголемите и побогати клубови.

Но, оттогаш натаму аналитиката се проширува во други спортови и се прелеа и на други територии надвор од САД.
Со развивањето на технологијата, олеснувањето на прибирање податоци и анализа на истите, само напредува ова поле. Главните работи кои ги нуди се многу поразличен и податочно поткрепен процес на скаутинг. Каде што играчите не се бираат само „oд око” туку и врз основа на податоци и нивната игра од различни аспекти на теренот како што е во фудбалот пример, игра со глава, игра без топка и сл.
Друг дел е поврзан со тренингот, опоравувањето и превенција на повреди. Процесот помага во одржување на оптимално фитнес ниво на спортистите, помош при опоравувањето од тренинг како и од евентуална повреда. Со тоа медицинскиот дел од клубот е многу поинформиран и има различни типови на податоци.

Самите податоци за играчите се од помош во правењето на формацијата и спремањето за натпреварите.
Во денешно време, кога Премиер лигата е апсолутно најпопуларна фудбалска лига, има директни примери на клубови кои иако со помал буџет, помал рејтинг и без фудбалски „ѕвезди” стигнуваат до за нив натпросечно добри резултати. Најдобар пример за тоа е Брајтон, а потоа и Брентфорд. Мали клубови по име кои со ваков пристап не само што влегоа но и се одржуваат во најсилната лига во светот и се борат буквално со секој противник. Се разбира дека аналитиката е практикувана и од големи клубови како на пример Ливерпул, кој има и свој аналитички тим.



