12.8 C
Skopje

Ќе победи ли Барса во финансиската сага за купување на Вилијамс?

Објавено:

“Може да ги купат, ама нема да ги регистрираат”, така изјави неодамна претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас за финансиската ситуација на Барселона и желбата да купи нови играчи.

Изминатата сезона беше доста драматична за каталонскиот клуб. Тие ги освоија трофеите во Ла Лига, Копа дел Реј и шпанскиот Суперкуп, а во Лигата на шампионите дојдоа до полуфиналето каде драматично изгубија од Интер. Но, драмата продолжи и надвор од терените.

Тимот на Ханси Флик повторно западна во драма поради длабоките финансиски проблеми и строгите правила на Ла Лига за максималните плати. Врвот на таа ситуација се случи за време на јануарскиот трансфер период кога беше побарана интервенција од Шпанската влада и договорите со играчите Дани Олмо и Пау Виктор за вториот дел од сезоната.

Но, изгледа дека драмата продолжува и ова лето, а причината за тоа се големите апетити на Барса на трасфер пазарот. Минатата среда клубот потпиша договор на 25 милиони со голманот на Еспањол, Жоан Гарсија, во потег кој претставуваше директен трансфер од ривал после 30 години. Сега во тек се преговорите за Нико Вилијамс, за кој клубот ќе треба да плати неверојатни 60 милиони ако сака да го доведе на Камп Ноу.

Извор: https://x.com/FabrizioRomano

Каде лежи проблемот на Барса и кое е решението?

Веќе со години наназад Барселона не се мачи толку да ги обезбеди потребните финансии за купување на нови играчи, колку што има проблеми со нивната регистрација во лигата.

Најголемата пречка во моментот се натрупаните долгови од минатото, како милијардата што ја должат од времето пред враќањето на Лапорта на претседателската функција во 2021 година. Друг проблем е што краткорочните решенија за собирање на пари кои би се потрошиле на трансфери не се секогаш прифатени од Ла Лига, кои бараат клубовите да имаат постојани и стабилни финансии.

Барса отсекогаш го гледала ова правило како нефер спрема нив и пробувале да најдат креативни решенија, како кога ги регистрираа Олмо и Виктор користејќи се со заобиколување на правилата, односно правилото за привремена замена во случај на играчи со долготрајни повреди. Откако Ла Лига во јануари ги повлекоа регистрациите на играчите, мораше да интервенира Владата која и нареди на лигата да дозволи повторна регистрација.

Извор: https://x.com/FCBarcelona_es

“Барса треба да направат неколку работи ако сакаат да го регистрираат Жоан Гарсија. Не премногу работи, но тие знаат што треба да направат. Нема јас да ги откривам сега. Една работа е да потпишеш официјален договор, друга работа е дали ќе успееш да ги регистрираш”, изјави претседателот на Ла Лига.

Сега за сега, Каталонците се ограничени за нови трансфери освен ако не најдат нов начин да соберат доволно финансии. А, има два начини за тоа – или да продадат играчи или да го зголемат буџетот на клубот преку зголемени приходи.

Знаејќи ја креативноста на Барса во справувањето со финансиите, најинтересното решение можеби лежи во ВИП билетите. Во декември минатата година, Барса реши да продаде 475 ВИП седишта на новообновениот Камп Ноу.

Барселона исто така се надева на спонзорствата и партнерствата со големите брендови, а меѓу нив се Најк со договор за новите дресови и два договори со арапски и катарски инвеститори.

Дали сагата на Барса со челниците на Ла Лига ќе заврши конечно и дали тие ќе успеат да го донесат Нико Вилијамс во своите редови и што е најважно – да го регистрираат, останува да видиме.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено