Покрај спектакуларните мечеви во Битола, Грција и Париз, вечерва во Лигата на шампионите се одиграа уште четири возбудливи средби. Копенхаген ја забележа првата победа, Спортинг продолжи да гази на домашен терен, а Аталанта ја освои Германија.
Копенхаген преживеа драма против Каират (3-2)
Данскиот шампион конечно стигна до првите три бода, победувајќи го казахстанскиот Каират Алмати со 3-2. 17-годишниот Виктор Дадасон (26′), Џордан Ларсон (59′ п) и Роберт Силва (73′) донесоа убедливи 3-0 за домаќините. Сепак, Каират не се предаде и со головите на Сатпаев (81′) и Бајбек (90′) внесе неизвесност до самиот крај, но Копенхаген издржа.
Спортинг „танцуваше“ со Бриж (3-0)
Во Лисабон, Спортинг беше пресилен за белгискиот Клуб Бриж, славејќи со 3-0. Младата ѕвезда Џеовани Квенда го отвори резултатот (24′), а Луис Суарез (31′) и Франциско Тринкао (70′) ја потврдија доминацијата на „лавовите“, кои сега се искачуваат во горниот дел на табелата.
Аталанта го „замрзна“ Франкфурт (0-3)
Италијанска лекција во Германија! Аталанта го декласираше Ајнтрахт Франкфурт со 0-3 на гостински терен. Сите голови паднаа во второто полувреме во рок од само пет минути. Адемола Лукман (60′), Едерсон (62′) и Шарл Де Кетеларе (65′) го нокаутираа домаќинот и донесоа големи три бода за тимот од Бергамо.
Реми на Кипар: Пафос и Монако поделија бодови (2-2)
Во возбудлив натпревар, Пафос и Монако одиграа 2-2. Гостите водеа двапати преку Минамино (5′) и Балогун (26′), но Пафос се враќаше во игра. Давид Луиз израмни на 1-1 (18′), а бодот за Кипраните го донесе автоголот на Салису во 88. минута.



