10.8 C
Skopje

Нено се врати, Македонија го напаѓа Мундијалот!

Објавено:

Конечно, најдобрата можна вест за македонската кошарка! Во пресрет на клучните претквалификациски натпревари за Светското првенство во август, селекторот го доби најголемото засилување – нашиот најдобар кошаркар, Ненад Димитријевиќ, ќе го облече националниот дрес.

Извор: https://kfsm.mk/

По турбулентната сезона во дресот на Олимпија Милано, каде што не ја доби вистинската шанса и голем дел од пролетта ја мина на клупата, Нено доаѓа мотивиран да покаже зошто само една сезона претходно беше МВП на силната ВТБ лига. Неговото присуство е гаранција за квалитет, лидерство и самодоверба за целиот тим. Тој е нашиот најголем ас и моторот на оваа репрезентација.

Поддршка ќе има и од Андреј Јакимовски, кој исто така потврди дека ќе биде дел од тимот. По годините минати во силната американска НЦАА лига, играјќи за Вашингтон Стејт и Колорадо, Јакимовски носи цврстина и искуство кои ќе бидат од непроценливо значење.

Единствената дилема останува позицијата на натурализиран кошаркар. Откако стана јасно дека Ти-Џеј Шортс повеќе нема да игра за Македонија, сè погласни се шпекулациите дека во репрезентацијата би можел да се врати Џејкоб Вајли, центарот кој веќе има искуство со „црвено-жолтиот“ дрес и кој би донел потребна цврстина под обрачите.

Македонија се наоѓа во група со селекциите на Романија и Унгарија, противници кои не смеат да се потценат, но против кои нашиот тим, со ваков состав, влегува како фаворит. Натпреварите ќе се играат по систем дома-гости во периодот од 2 до 20 август, а првите две селекции обезбедуваат пласман во главните квалификации.

Распоред на натпревари:

2 август: Македонија – Романија

9 август: Унгарија – Македонија

13 август: Романија – Македонија

20 август: Македонија – Унгарија

Дополнителен ветер во грб за нашите кошаркари ќе биде и домашниот терен. КФСМ потврди дека Македонија своите натпревари ќе ги игра во Куманово, град кој живее за кошарката и каде што противниците ги чека пеколна атмосфера.

Со Нено на чело и поддршката од трибините, очекувањата се големи. Време е кошарката повторно да ја обедини нацијата.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено