Макс Верстапен е име кое постојано го бранува Ф1 падокот, не само со своите победи, туку и со шпекулациите за неговата иднина. По бурната 2025 година во која Мерцедес отворено го „бркаше“ неговиот потпис, четирикратниот светски шампион конечно проговори за тоа што навистина се случувало зад затворени врати.
„Нема да лажам, имаше разговори“
Верстапен за првпат јавно призна дека шпекулациите за Мерцедес не биле само празни медиумски приказни. Тој потврди дека имало контакт, но во негов препознатлив стил, ја спушти топката.
„Нема да лажам. Со сигурност имаше разговори. Но, во исто време, сè беше многу пријателски и отворено. Ништо повеќе од тоа“, изјави Макс, ставајќи крај на теориите за „тајни договори“.

Факторот „семејство“ и животот надвор од Ф1
За Верстапен, кој е дел од Ред Бул уште од 2016 година, тимот од Милтон Кинс не е само работно место. Тој нагласи дека ако некогаш се одлучи за промена, тоа нема да биде само затоа што некој друг му понудил побрз болид.
„За мене, не се работи само за Формула 1. Има многу работи кои треба да се поклопат за да направам промена – идни улоги, проекти надвор од патеката и слично. Ред Бул е моето второ семејство, а тоа не се реплицира лесно. Промената, ако некогаш се случи, нема да биде само затоа што ми треба побрз болид или друга околина“, објаснува четирикратниот шампион.
Комплетен возач: Од ГТ3 до симулатори
28-годишниот возач, кој неодамна воодушеви со победата на своето деби во ГТ3 серијата на Нирбургринг, истакна дека постојано се труди да се надградува. Тој верува дека возењето различни типови на автомобили надвор од Ф1 му помага да стане „покомплетен и посестран возач“, нешто што Ред Бул му го дозволува, а што можеби би било проблем во порестриктивна средина.
Со договор кој го врзува за Ред Бул до 2028 година, Макс останува лојален, но неговите изјави јасно покажуваат дека неговата иднина зависи од многу повеќе од само резултатите во недела попладне.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



