Инаки Вилијамс „удри“ по шпанскиот сојуз: „Да се игра Суперкупот во Саудиска Арабија е сра*е!“

 

Објавено:

Капитенот на Атлетик Билбао, Инаки Вилијамс, не штедеше зборови за да го искаже своето незадоволство од одлуката шпанскиот Суперкуп повторно да се игра во Саудиска Арабија. Пред гостувањето во Џеда, Вилијамс отворено порача дека овој формат е катастрофален за вистинските љубители на фудбалот.

Искусниот напаѓач на баскискиот клуб ги пренесе чувствата на многумина фанови во Шпанија, критикувајќи ја комерцијализацијата на фудбалот која ги оддалечува навивачите од нивните тимови. Атлетик Билбао на 7 јануари треба да се соочи со Барселона во првото полуфинале, додека во второто ќе играат мадридските ривали Реал и Атлетико.

„Се чувствуваме како гости во сопственото натпреварување“

Вилијамс беше брутално искрен во изјавата за медиумите, посочувајќи дека играњето во друга држава ја убива суштината на натпреварувањето.

„За мене, играњето на овој турнир во Саудиска Арабија е сра*е. Изнесувањето на национално натпреварување во друга земја не им олеснува на навивачите да нè следат. Кога играме таму, се чувствуваме како да сме гостинска екипа. Покрај тоа, во наредните денови треба да станам татко и огромен малер е што морам да одам толку далеку додека сопругата и синот се тука“, изјави Вилијамс.

Не е првпат Баскијците да протестираат

Инаки не е единствениот од таборот на Атлетик кој има ваков став. Неодамна и голманот Унаи Симон истакна дека наместо 50.000 навивачи кои би патувале низ Шпанија, сега само околу 2.000 ќе можат да си дозволат пат во Саудиска Арабија.

„Членовите на моето семејство не сакаат да се вратат таму годинава. Тие што беа еднаш, видоа како е и не сакаат да го повторат тоа“, изјави претходно Симон.

Саудиска Арабија има договор за домаќин на шпанскиот Суперкуп до 2029 година, а Федерацијата (RFEF) продолжува да го форсира овој формат поради огромните финансиски приливи, и покрај честите критики за човековите права во земјата и логистичкиот пекол за фановите.

Следете нè: Facebook | Instagram | X


 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено