По бурата која ја предизвика заминувањето на Енцо Мареска на првиот ден од новата година, Челси се подготвува за својот прв натпревар во 2026 година. Времениот предводник на тимот, Калум Мекфарлан, денеска ја одржа својата прва официјална прес-конференција пред неделното дерби против Манчестер Сити.
Мекфарлан, кој до вчера го водеше тимот на Челси до 21 година, призна дека изминатите 24 часа биле вистински „ролеркостер“, но нагласи дека фокусот на играчите е насочен исклучиво кон теренот.
„Луди 24 часа“
За Мекфарлан, ова е огромен скок во кариерата, иако неговата улога засега е само привремена додека клубот бара трајно решение за жешкото столче на „Стемфорд Бриџ“.
„Беа ова луди 24 часа, вистински вител како што можете да замислите, но истовремено беше возбудливо и уживав во секој момент. Мојот моментален мандат е само да ги подготвам момците за натпреварот во недела. Тоа е сè на што сум фокусиран. Одиме таму да се покажеме во најдобро светло против одличен тим предводен од голем менаџер“, изјави Мекфарлан.

Новости за тимот: Кукуреља се враќа?
Една од клучните дилеми за составот е состојбата на Марк Кукуреља, кој го пропушти последното реми против Борнмут. Шпанецот веќе се вратил на тренинзите во Кобхам, но неговиот настап на „Етихад“ сè уште е под знак прашалник.
„Состојбата со Марк е позитивна бидејќи тренира со тимот. Сè уште сме неодлучни дали ќе игра, ќе направиме проценка во наредните 24 часа. Освен тоа, немаме други нови вести за повредени играчи“, додаде новиот стратег на „сините“.
Челси во недела гостува кај Манчестер Сити со цел да ја прекине серијата лоши резултати од декември и да започне нова ера под водство на Мекфарлан, барем додека трае овој транзициски период.



