Ноќта во НБА лигата донесе сè што љубителите на кошарката го посакуваат, од индивидуални блесоци, драматични завршници и јасни пораки од тимови што ја бараат својата позиција во лигата. Во центарот на вниманието беше Донован Мичел, но вечерта ја обележаа и Јанис Адетокумбо, Шај Гилџис-Александер, Лука Дончиќ и Леброн Џејмс.
Мичел ја презеде одговорноста, Кавалирс ги скршија ослабените Нагетс – 113:108
Донован Мичел одигра лидерски натпревар кога беше најпотребно. Со 33 поени и шест скока, тој ги предводеше Кливленд Кавалирс до победа над значително ослабениот Денвер, во меч во кој домашните покажаа трпение и зрелост во финишот.
Иако Кавалирс се најдоа во негатива од 105:101 на помалку од пет минути до крајот, следеше серија од 10-0 со која го свртеа мечот. Клучниот момент дојде преку тројката на Дариус Гарланд, кој покрај 18 поени подели и осум асистенции.
Без Никола Јокиќ, како и без неколку стартери, Денвер немаше доволно длабочина. Џамал Мареј блескаше во првото полувреме и заврши со 34 поени, но Нагетс целосно паднаа во последната четвртина, каде што беа надиграни со 24:11. Кливленд ја доби битката под кошевите со убедливи 55-32, бројка што најдобро ја објаснува разликата.
Вашингтон продолжува да се буди, Нетс без одговор во главниот град – 119:99
Вашингтон продолжува со најдобрата серија во последните речиси две години. Џастин Шампањи со рекордни 20 поени за сезоната беше прв стрелец, додека тимската игра и доминацијата во скокот (51-33) беа клучни против Бруклин.
Нетс никогаш не најдоа ритам, особено од линијата за три поени, каде што реализираа само шест шута. Вашингтон уште во првото полувреме направи сериозна разлика преку поените од изгубени топки и мирно го приведе натпреварот кон крај.
Спарс најдоа начин и без Вембањама, Пејсерс во слободен пад – 123:113
И без Виктор Вембањама, Сан Антонио покажа дека знае да реагира. Де’Арон Фокс со 24 поени ја предводеше победата против Индијана, која го запиша 11-тиот последователен пораз.
Спарс беа поцврсти во клучните моменти и далеку попрецизни од линијата за слободни фрлања, додека Пејсерс не успеаја да ја искористат солидната шутерска вечер од поле.
Трипл-дабл вечер во „Медисон“, Хокс го замолкнаа Њујорк – 111:99
Џејлен Џонсон имаше вечер за паметење со 18 поени, 11 асистенции и 10 скока за нов трипл-дабл и сигурна победа на Атланта во „Медисон Сквер Гарден“.
Откако го презедоа водството кон крајот на првата четвртина, Хокс повеќе не се осврнаа назад. Никс имаа солидни индивидуални партии, но не успеаја да одговорат на темпото и длабочината на гостите.
Јанис реши во последната секунда, Бакс преживеаја драма со Хорнетс – 122:121
Натпревар со три промени на водството во последните десет секунди, завршен со сцена каква што само НБА може да понуди. На 4,7 секунди до крајот, Кевин Портер Џуниор го пронајде Јанис Адетокумбо, кој со силно забивање ја запечати победата на Милвоки.
Јанис заврши со 30 поени, 10 скока и пет асистенции, поставувајќи нов историски рекорд со 158 натпревари со ваква статистика. Шарлот имаше последен напад, но обидот на Брендон Милер не влезе.
Шеј тивко, но брутално, Тандер го разбија ослабениот Вориорс – 131:94
Без Стеф Кари и со речиси целосно изменет состав, Голден Стејт немаше одговор за расположената Оклахома. Шај Гилџис-Александер постигна 30 поени и ја продолжи серијата на доминантни настапи.
Тандер контролираа од почеток до крај, а Чет Холмгрен додаде 15 поени и 15 скока во уште една убедлива победа што ја потврдува формата на тимот.
Лука и ЛеБрон ја презедоа сцената, Лејкерс со пресврт против Гризлис – 128:121
Во дуел полн со поени и ритам, Лука Дончиќ и Леброн Џејмс ја презедоа контролата во последната четвртина. Дончиќ постигна 34 поени, а Леброн додаде 31, при што токму нивната серија во финишот го реши натпреварот.
Мемфис се држеше солидно и покрај бројните отсуства, но кога најмногу требаше – искуството и класата на Лејкерс пресудија.
Авдија диригент во Њу Орлеанс, Блејзерс сигурни против Пеликанс – 122:109
Во „Smoothie King Center“, Дени Авдија одигра вечер за паметење и го поведе Портланд до сигурна победа над ослабениот Њу Орлеанс. Израелецот уфрли 34 поени и подели 11 асистенции, диригирајќи со нападот што ја презеде контролата уште во втората четвртина.
Донован Клингaн доминираше под кошевите со 11 поени и 15 скокови, од кои девет офанзивни, додека Шејдон Шарп додаде 23, а Кејлеб Лав погоди шест тројки за 22 поени. Портланд ја казни секоја грешка на домаќините, постигнувајќи 24 поени од втори шанси и уште 23 поени по загубени топки.
Зион Вилијамсон беше најсветлата точка кај Пеликанс со 35 поени, но без доволна поддршка, Њу Орлеанс го запиша шестиот пораз во низа.
Бузелис го крена Чикаго, Булс се вратија против Меџик – 121:114
Чикаго повторно покажа карактер, а Матас Бузелис беше човекот на вечерта. Младиот крилен кошаркар постигна 17 од своите 21 поен во второто полувреме, предводејќи камбек со кој Булс стигнаа до втората победа по ред.
Кевин Хуертер додаде 20 поени, а Никола Вучевиќ запиша дабл-дабл со 17 поени и 10 скокови, додека Чикаго целосно ја презеде контролата во последната четвртина, добиена со 30-19.
Кај Орландо, Паоло Банкеро блескаше со 31 поен во натпревар со дури 19 промени на водството, но повредата на Џејлен Сагс во третата четвртина дополнително го наруши ритамот на Меџик.
Букер експлозија во Феникс, Кингс немоќни во Аризона – 129:102
Девин Букер реши да не чека и го реши натпреварот уште во првата четвртина. Бекот на Феникс уфрли 20 од своите 33 поени во првите 12 минути, поставувајќи тон за убедлива победа над Сакраменто.
Санс постепено ја зголемуваа разликата по паузата и целосно го скршија отпорот на Кингс во третата четвртина, по која водеа 97-83. Букер, заедно со Дилон Брукс и Марк Вилијамс, го одмори целиот четврти период, откако работата веќе беше завршена.
Киган Мареј беше најефикасен кај Сакраменто со 23 поени и 10 скокови, но Кингс го запишаа четвртиот пораз по ред и шести последователен на гостувања.



