Она што пред само неколку дена го најавивме како шпекулација, денес доби и официјална потврда: Ненад Димитријевиќ е нов член на германскиот шампион Баерн Минхен! Македонскиот репрезентативен плејмејкер потпиша договор до крајот на сезоната со опција за продолжување на уште една година, со што експресно се враќа во Евролигата.
По ненадејното заминување на Спенсер Динвиди, Светислав „Кари“ Пешиќ не губеше време и го донесе својот прв избор за „командант“ на бековската позиција. Нено веќе ги помина лекарските прегледи, го задолжи дресот со број 0 и вечерва ќе го одработи првиот тренинг со тимот.
Пешиќ го повика, Нено не се двоумеше
За Димитријевиќ, преселбата во Минхен е остварување на желбата за враќање на највисокото европско ниво по краткиот престој во руски Зенит.
„Баерн е фантастична и почитувана организација. Кога ќе ви се јави тренер како Пешиќ, тоа е голема чест и одлуката се носи веднаш. Сакав да се вратам во Евролигата и да му помогнам на тимот да победи на што повеќе натпревари. Тука сме да се бориме за титулата во Германија, купот и место во плеј-офот на Евролигата до последната секунда“, изјави Нено по потписот.

Спорсткиот директор Тарлаќ: „Нено носи динамика и моќ“
Поранешниот југословенски репрезентативец Драган Тарлаќ, кој сега ја извршува функцијата спортски директор во Баерн, имаше само пофални зборови за нашето „маестро“.
„Со Нено го прошируваме ростерот на позиција каде имавме многу проблеми со повреди. Како МВП на ВТБ лигата со големо искуство од шпанската АЦБ и Милано, тој носи огромно искуство, енергија и дефанзивни вештини. Неговата способност да креира решенија во нападот, за себе и за другите, е токму она што ни требаше“, истакна Тарлаќ.
Патот на МВП-то до Баерн
Нено Димитријевиќ (27) зад себе има импресивна биографија. По започнувањето на кариерата во Хувентуд и Валенсија, тој стана вистинска ѕвезда во Русија каде со Уникс Казан ја освои ВТБ лигата и беше прогласен за МВП на регуларниот дел и на плеј-офот.
Оваа сезона ја започна во Олимпија Милано, каде иако ја освои италијанскиот Суперкуп, имаше ограничена минутажа, пред кратко да се пресели во Зенит. Сепак, неговата „експлозија“ со 43 поени за Македонија против Литванија во ноември 2024 година беше потсетник за целиот свет дека неговото место е меѓу елитата.



