Успешна година за македонскиот тениски бисер: Марко Алексовски меѓу најдобрите 10 во Европа!

 

Објавено:

Македонскиот тенис има светла иднина, а потврда за тоа се резултатите на младите категории во изминатата година. Едно име посебно се издвојува, Марко Алексовски, кој ја заврши 2025 година како 10-ти тенисер во Европа во конкуренција до 14 години.

Ова е значаен успех за македонскиот спорт, особено ако се земе предвид дека Алексовски котира високо и во повозрасната категорија (до 16 години), каде што ја заврши сезоната на 25-тото место.

Доминација на теренот: 11 титули во една сезона

Во интервју за официјалната страница на Македонската тениска федерација, младиот тенисер открива дека зад него е исклучително успешна година. Тој успеа да освои вкупно 8 турнири во поединечна конкуренција и 3 во двојки под капата на „Tennis Europe“.

Круна на сезоната беше неговиот настап како дел од избраниот тим на „Tennis Europe“, каде што доби шанса да тренира и да се натпреварува низ Белгија, Германија и Шпанија.

„Успеав да триумфирам на турнирот во Барселона, Шпанија од Категорија 1, што многу ми значи. Играв против најдобрите деца-тенисери од целиот свет и видов дека сум еден од најдобрите таму,“ изјави Алексовски за mtftennis.mk.

Дисциплина и високи амбиции за 2026

Успехот не доаѓа преку ноќ. Марко, кој почнал да тренира на 5-годишна возраст, денес има строг режим со тренинзи од 4 до 5 часа дневно. Негов идол е Новак Ѓоковиќ, а плановите за новата сезона се веќе зацртани.

„План ми е да станам ТОП 10 играч во конкуренција до 16 години, да почнам да играм ИТФ турнири до 18 години и тука да бидам во првите 1.000, како и да се испробам на некој фјучрс турнир, амбициозно најавува младиот тенисер.

Алексовски веќе се подготвува за новите предизвици, а сезоната ја отвора на 12 јануари со турнири на Кипар.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено