Португалскиот гигант Порто уште еднаш покажа зошто важи за мајстор на трансфер пазарот. „Змејовите“ официјално го потврдија ангажманот на 17-годишното чудо од дете, Оскар Пјетушевски, кој доаѓа од полска Јагелонија.
Оскар, кој игра на позицијата лево крило, потпиша договор до јануари 2029 година. Вкупната вредност на трансферот изнесува 10 милиони евра, со што младиот Полјак станува една од најскапите инвестиции на Порто во оваа возрасна категорија.
Кој е Оскар Пјетушевски?
Пјетушевски е роден во Бјалисток во 2008 година и е производ на академијата на Јагелонија. Тој дебитираше за првиот тим на само 16 години во квалификациите за Лига Европа против Ајакс.
Во тековната сезона во полската Екстракласа, младиот талент запиша 17 настапи и постигна 3 гола, што беше доволно да го привлече вниманието на скаутите од „Драгао“.
„Луда“ откупна клаузула
Дека Порто има сериозни планови со него, говори и податокот за откупната клаузула. Според информациите, во неговиот договор е вметната клаузула од вртоглави 60 милиони евра.
Пјетушевски веќе е репрезентативец на Полска до 21 година, каде на 6 натпревари има постигнато дури 4 гола, вклучувајќи и еден против нашата селекција на Македонија.
Навивачите на социјалните мрежи веќе му посакаа добредојде, прашувајќи се „со кого сме добри, а со кого лоши?“ во духот на навивачките групи.



